„Букстар“ е десет години инспирација. Инспирација за писателите, за читателите, за премолчаните и инспирација за заборавените – ова го изјави организаторот на фестивалот и главен уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски, на свеченото отворање на десетото, јубилејно издание на фестивалот на европска култура „Букстар“, коешто се одржа синоќа во „Лабораториум“.
Пред бројните гости, писатели, поети, преведувачи, издавачи, но и вљубеници на пишаниот збор, Кујунџиски се осврна на важноста на овој фестивал, кој опстојува една деценија.
– Кого сè инспираше „Букстар“? Најпрво сите нас тука, од вредните тимови што стоеја зад фестивалот, до целата книжевна, медиумска и општествена јавност. Но ги инспирираше и гостите од секое крајче на Европа. Илја Леонард Фајфер ќе создаде цел дел од својот капитален роман „Гранд Хотел Европа“ по својот престој на „Букстар“. Го инспирираше и неповторливиот Славој Жижек да ја состави збирката есеи „Пепелник во еден хотел во Скопје“. Инспирираше колумни на Славенка Дракулиќ и многу благодарници од сите кога ќе заминеа оттука со полна душа – истакна Кујунџиски.
Фестивалот го прогласи отворен македонската писателка Румена Бужаровска, која во својот говор ја истакна важноста на нашиот јазик, кој го говорат мал дел од светската популација, а со текот на годините од тој „мал јазик“ сме успеале да создадеме цели книжевни светови.
– Да се биде мал јазик без огромна писмена традиција може да се гледа и како предност. Едноставно, ние го немаме товарот на вековните јазични и книжевни традиции; ние го немаме товарот на споредувањето, ние го немаме товарот дека толку многу е напишано и измислено, што нема простор за ново. Всушност, ние сме тие што ја имаме слободата да измислиме. Ние сме тие што живо го створаме јазикот, ние сме тие што ги градиме основите на културата, ние сме тие што јазикот можеме да го испишеме со нови значења. Ете каде сме сега: таму каде што никој досега не бил, на простор со бесконечни хоризонти – рече Бужаровска.
Бужаровска во својот значаен говор се осврна на проблемите во литературата и во преведувањето, за (не)профитабилноста и луксузот да се биде дел од оваа уметност.
– Како една од најмалите држави во федерацијата со јазик којшто беше кодифициран во 1945 година, можам да кажам дека нашата генерација, а и тие пред мене, растеа со идејата дека македонската книжевност и македонските преводи се инфериорни кон српско-хрватските и руските; со други зборови, често се слушаа поплаки дека нашата книжевност е здодевна и невредна за читање и дека не комуницира со новите генерации, а и дека не постои квалитетен македонски превод, и дека поради тоа, секако не треба да се читаат или купуваат преведените изданија на старите и современи светски класици. Сиве овие генерации, за жал, полни со извесна тажна семоомраза, забораваа дека во раните години на нашето образование бевме растени со делата на автори како Оливера Николова, Ванчо Николески, Видое Подгорец и Бошко Смаќоски, во кои уживавме и кои благо и игриво ја формираа нашата култура, јазик и идентитет. Тие забораваа дека само за триесетина-четириесетина години, на македонски беа преведени стотици книги од светската книжевност, и дека во македонскиот јазик беа вложени голем труд и љубов од една релативно мала група луѓе кои неуморно работеа на проширување на нашите светови преку јазикот и книжевноста – ќе ги споменам овде Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Влада Урошевиќ, автори и преведувачи кои преку својот индивидуален труд успеаја да влијаат врз цели генерации – рече Бужаровска.
Тема на првата книжевна вечер беше траумата и истрајноста, а публиката имаше можност да чуе разговор со авторките Паола Перети од Италија и Мирженка Чехова од Чешка. Настанот го модерираа Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ.
„Во книжевноста, траумата честопати служи како критичка леќа низ која се разгледува истрајноста на ликовите. Авторките ја прикажуваат траумата како длабока сила што ја предизвикува и разнишува психолошката и емоционалната стабилност на ликовите, обликувајќи ги нивните наративи. Ова не само што ја нагласува катарзата што следува туку фрла светло врз нивната издржливост.“ Ова беше централната тема на разговорот меѓу учесничките.
Вечерта заврши со диџеј-сет на Ogipsilon/Sure Shotz.
На првиот фестивалски ден се одржа и креативна работилница со Ана Голјешка-Џикова во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и два поткаста, кои ги водеше Душко Крстевски, а гости беа Жозе Луиш Пејшото од Португалија и Здравка Евтимова од Бугарија.
За време на вториот фестивалски ден, гостите ќе имаат неформална туристичка тура со Васко Марковски, а во 12 часот во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи книжевно читање „Преобразба(та)“/“The metamorphosis”, на кое ќе се претстават повеќе автори. Странски учесници се Кристијан Новак (Хрватска), Фарук Шехиќ (БиХ), Здравка Евтимова (Бугарија), Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Мирженка Чехова (Чешка), а од домашните ќе можат да се чујат Оливера Ќорвезироска, Васко Марковски, Биљана Стојановска, Живко Грозданоски и Ана Голејшка-Џикова.
Авторката Паола Перети од Италија ќе одржи креативна работилница, а поткаст со Кристијан Новак од Хрватска и Јон Калман Стефансон од Исланд, ќе одржи Душко Крстевски.
Централниот настан „Балканска вечер(а)“ ќе почне во 19:30 часот во „Лабораториум“, а разговорот ќе се води меѓу авторите Кристијан Новак (Хрватска), Румена Бужаровска (Maкедонија), Фарук Шехиќ (БиХ) и Игор Маројевиќ (Србија). Модератор ќе биде Владимир Јанковски.
Вечерта ќе се заокружи со книжевен стендап-настап на Марјан Георгиевски.
Фестивалот, кој ќе трае до 3 октомври, се одржува под слоганот „Преобразба“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.