Македонско-хрватското друштво Тетово беше домаќин на Заедницата на Хрвати „Либертас“ од Штип, кои во градот ја донесоа музејска поставка „Ковчегот на љубовта“ на која ќе се прикажа традиционалното минато на хрватската заедница. Штипската заедница на Хрвати уште во 2021 година ја поставиле оваа изложба како сведок за едно поинакво изминато време, а во чии предмети вткаен е сериозен труд, вистинска автохтоност и искрена желба за заштита на традиционалното и народното творештво.

„Вечерашната музејска поставка, прва од ваков тип по реотворањето на овој објект замислен како мултумедијален простор, е збир на различни предмети и реликти од 50-тите години на минатиот век, кои жените – мажени или дојдени во Македонија – од Хрватска, ги донеле со себе во Штип. Затоа и насловот на оваа поставка е токму ‘Ковчегот на љубовта’ или во изворниот запис на хрватски јазик ‘Шкриња љубави’, затоа што вечер прикажаното – во минатиот век кон македонската територија е носено преку различни ковчези и куфери, а еден од нив е и вечерва претставен, илустрирајќи ја неспорната женска умешност и грижа за домот и најблиските. А домот е секаде каде што ни е убаво, за овие жени некогаш тоа било Хрватска, а денес тоа е Македонија“, порача синоќа Марко Видачек од МХД Тетово.

Тетовската јавност вчера имаше можност да посведочи за уметноста и дарбата со кои во средината на минатиот век се изработувани чипката, ракотворбите, народните носии, а паралелно со тоа се чувани и се сочувани секојдневни предмети кои денес имаат неспорна вредност на архивска и музејска граѓа.

„Ова се ракотворби од само четири наши членки. Едната од нив, највозрасна која сега е почината, е дојдена во Штип во далечната 1959 година. Ова е само еден дел од нив што сме донеле, ако соберевме ќе има уште многу-многу што да се види од она што Хрватите одејќи од Хрватска во Македонија покрај семејствата, кога доаѓале донеле нешто од дома. Ние како втора генерација потомци се потрудивме тоа да го зачуваме. Затоа со голема чест и задоволство после Штип изложбата ја поставуваме и во Тетово“, изјави Долорес Кашуба Петрова од Заедницата на Хрватите во Штип.

Пред тетовската публика настапи и градскиот хор „Штип 2019“, со изведба на македонски и хрватски песни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.