Костимографот Благој Мицевски, годинава одбележува 30 години костимографија кариера. Тоа е поводот во Офицерскиот дом во Битола на публиката да претстави дел од своето богато творештво кое прв пат ќе се најде надвор од театарската сцена. Иако и самиот вели дека не е голем поборник за изложување костими надвор од сцената и актерите за кои се создадени, но се надева дека успеал да направи соодветен избор и комбинација на начин што тие не би изгубиле ништо од својата вредност.
Се радувам што изложбата така убаво се вгнезди во реновираниот Офицерски дом што го паметам уште од моето детство и дека како дел од прославата на 4 Ноември на Општина Битола ја покажува мојата врска со овој град како трајна инспирација, но и како порака дека и од Битола се може да се создаде нешто убаво, порака која секогаш сум ја застапувал. Токму затоа оваа изложба ја доживувам и емотивно затоа што од првата изложба до сега помина толку време и некако се заокружува една авторска уметничка целина. Не сум голем поборник за изложување костими надвор од сцената и актерите за кои се создадени, но мислам дека успеав да направам адекватен избор и комбинација како истите не би изгубиле ништо од својата вредност, рече Мицевски.
Изложбата „ОпераДрамаБалет“ се состои од два сегменти. Првиот претставува изложба на 15 костими од претстави по Шекспир реализирани во Народен театар Битола и истите се изложени во просторот на кукли. Другиот дел, пак, се 30 фотографии од опери, претстави и балети што ги реализирал костимографот Мицевски кај нас и во странство, а кои публиката немала можност да ги види во живо. Тие ја отсликуваат неговата соработка со режисерите Диего де Бреа и Џон Блондел, како и со кореографката Рисима Рисимкин.
Изложбата е придружена и со каталог со фотографии што се фокусираат на последната декада од неговата тридецениска работа како костимограф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.