Во Софија, Република Бугарија, денеска, ќе се одржи третиот состанок на  Четвртата работна група за билатерална соработка меѓу двете земји, која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.

На состанокот ќе учествуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски.

Во рамките на денешната средба е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои: Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година; Програма меѓу Владите на Република Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; Меморандум за соработка во областа на младите и спортот,  како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност.

По состанокот се предвидени изјави за медиуми на министерката за култура на Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и на министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.