Со македонската премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски, во Младинскиот културен центар заврши 22. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (CINEDAYS).
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање изрази задоволство што е дел од затворањето на овој извонреден фестивал, кој го вреднува и го поддржува творечкиот уметнички потенцијал на врвни македонски и европски авторски филмски остварувања.
Во изминатите шест дена, секој прикажан и изгледан филм беше достоен за почит, а секој доловен восхит од страна на филмската публика претставува доказ дека заеднички продолжуваме да ја раскажуваме дводецениската приказна насловена „Синедејс“. И навистина, „Филмските вечери“ во вжарениот јули, на плус 40 степени на скопскиот асфалт, беа како извор на пријатна свежина за над 5 000 посетители, филмски работници, режисери, продуценти, сниматели, музичари, студенти или едноставно, само љубители на филмската уметност − додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека Министерството за култура уште од самите почетоци го поддржува Младинскиот културен центар, а со тоа и „Синедејс“ како фестивал кој од неговиот зачеток беше од ревијален карактер и со текот на времето успеа да се искали и да прерасне во сериозен фестивал на европски филм со натпреварувачки карактер.
Скопје, преку „Синедејс“, може да се гордее со одлична филмска атмосфера, која не е помалку привлечна од европските кинематографски метрополи. Благодарност до целата екипа на Фестивалот што се труди секоја година да има македонски филмови на отворањето и на затворањето. Затоа, честитки и до екипите на новите македонски филмови: „М“ на Вардан Тозија и „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски − додаде министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека Фестивалот на европски филм в година заслужено ќе блесне во уште поголем сјај бидејќи, како што рече, генерации и генерации млади луѓе пораснаа со него и културно се оформија како личности.
Им пожелувам да продолжат да гледаат или да снимаат македонски филмови и филмот засекогаш да им остане нивна животна пасија, определба и водилка – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Беа врачени и годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба, кои ги доделуваше жири-комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер. На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.
На годинашното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, на сцената на киното „Фросина“, на летните кина под отворено небо – „Мирно лето“ во Кинотеката и во паркот зад МКЦ – беа прикажани 40 филмски проекции од најновата европска продукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.