Во рамките на панел-дискусиите со претставници на Стејт департментот постигнавме договор да продолжиме со заеднички активности да работиме на полето на заштитата на културното наследство во Македонија“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по завршувањето на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, кој изминатите денови се одржа во просториите на Стејт департментот во Вашингтон, САД.
На панел-сесијата со специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар и други високи претставници од областа на образовaнието, културата и културното наследство при Стејт департментот, беше изразена благодарност што во Стартешкиот дијалог присуствуваат четворица министри од Република Македонија со кои се бараат начини за соработка меѓу двете земји.
На панел-дискусијата учествуваа и Кевин Саба задолжен за образование и култура и Ерик Каталфамо, директор на Центарот за културно наследство, при Бирото за образовни и културни односи, како и Лиса Магно од УСАИД кои дадоа свој придонес кон разгледување на можностите за воспоставување на поинтензивна соработка.
Ги утврдивме резултатите што се постигнати со инвестииците од грантовите во оваа област преку Амбасадорскиот фонд на САД. Заеднички и посветено продолжуваме да работиме на унапредување на соработката на нашите две земји, додаде Костадиновска-Стојчевска. Министерката за култура појасни дека со Стратешкиот дијалог се отвораат можности и начини за идна соработка во културата и наоѓање механизми за поголема вклученост на младите во културните и општествените текови на земјата, нивна афирмација и поддршка.
Во рамките на Стратешкиот дијалог се одржаа неколку сесии на кои делегациите на Македонија и САД ги отвораа темите од интерес за соработка меѓу двете земји, кои по завршувањето на дијалогот се соединети во заедничката декларација меѓу Македонија и САД.
Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.
Во Вашингтон се одржаа панели за Регионалните иницијативи, поврзувањето на граѓаните, безбедноста и одбраната, енергетиката и животна средина, владеење на правото како и трговија и инвестиции, а беше направен и пресек на билатералната соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.