Во Кинотеката на Македонија се одржа јавна дебата во врска со Нацрт-текстот на Предлог-националната стратегија за развој на културата со акциски план за периодот 2023 – 2027 година. 

Нацрт-текстот на Предлог-националната стратегија за следниот петгодишен период, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Македонија, го изработи работна група со претставници од: Министерството за култура, јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи, здруженија на граѓани од областа на културата и независната културна сцена, како и експерти од областа на културата.

 Пред почетокот на јавната расправа, присутните ги поздрави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која потсети дека неодамна во Кинотеката се одржа јавна дебата за Предлог-законот за култура, а денеска, како што рече, има чест да се обрати пред дебатата за Предлог-националната стратегија за култура со акциски план за периодот 2023 – 2027 година.

Костадиновска-Стојчевска појасни дека и Предлог-законот за култура и Предлог-националната стратегија за култура се базични документи кои се во функција на создавање услови за остварување на културата и за развивање на креативните индустрии, документи кои ќе ја позиционираат културата како фактор во општествениот развој.

Јавните дебати колку што се наша обврска и должност, толку се и наша привилегија. Овде, на јавен форум, ги препрочитуваме стратегиските документи со кои го унапредуваме остварувањето на културата во земјава и на отворен начин дебатираме и ја покажуваме нашата подготвеност за сите нови креативни и конструктивни забелешки и предлози со цел да изготвиме документи кои ќе бидат одраз на нашиот квалитет, но и ќе се усогласени со политиките кои ги негуваат европските вредности, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа ги пренесе искрените заложби и вложените професионални капацитети на сите коишто работеа на Предлог-националната стратегија за култура 2023 – 2027 година и го искажа своето уверување дека вака структурирана, со предвидениот акциски план, оваа стратегија веќе е документ кој сериозно се доближува до европските практики и политики за остварување и осмислување на културата во современ контекст.

Костадиновска-Стојчевска појасни дека Предлогационалната стратегија за развој на културата со акциски план 2023 – 2027 е стратегиски документ со кој се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за развој на културата во Република Македонија и е основен стратегиски документ за областа култура, како за работа на Министерството за култура така и за други субјекти кои дејствуваат на полето на културата.

Затоа, Министерството за култура“, додаде Костадиновска-Стојчевска,формираше работна група од експерти, која материјата за стратегиски развој и планирање во сферата на културата, според своите анализи, ја подели на три приоритетни области: Институционална култура; Вонинституционална култура и Културни и креативни индустрии.

Во изминатиов период, работната група изврши опсежни анализи на сите сектори во културата, трагајќи по што поширок опсег на потребите на институционалната и вонинституционалната култура, на сите други субјекти кои остваруваат култура и уметност, како и на јавноста од сите региони во земјава.  Исто така, Стратегијата содржи мерки чиј пристап е интерсекторски, и ги вклучуваат институциите и чинителите во образованието и науката, економските сектори, културната дипломатија и туризмот, додека трансверзалниот пристап опфаќа релевантни теми и правци на развој кои ги засегаат сите сектори и на кои треба да се пристапи заеднички, како, на пр.: меѓународна соработка, развој на капацитети и образовни програми, како и зелена трансформација на културниот сектор, истакна министерката за култура.

 

Според Костадиновска-Стојчевска, треба да се има предвид дека за успешна имплементација на Националната стратегија мора да има усогласување со други стратегиски документи по одредени области, како и со меѓународни договори за развој на културата.

Заблагодарувајќи им се на членовите од работната група, како и на вработените во Министерството за култура, за посветеноста и професионализмот во подготовката на новата Стратегија со акциски план, Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека искуствата од претходната Национална стратегија и анализите направени по неа, со сите забелешки и мерки за надминување на слабостите, ќе донесат до остварување вредности со кои ќе се афирмираат нашата разноликост и култура и ќе се создадат вредности кои силно ќе нѐ позиционираат во Европа.

Уверена сум дека преку овој документ се доближуваме до целта – да развиваме висококвалитетна, разновидна, кохезивна, демократска, креативна култура од која државата ќе има бенефит и во социокултурниот и во економскиот развој на национално и на локално ниво“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Роберт Алаѓозовски, член на работната група и национален координатор во Владата за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, истакна дека  новите поимања на културата, европските и светските текови во развојот на културните системи, трендовите кои доаѓаат не само од европските културни политики туку се и патоказ на развој предложен од УНЕСКО, се вредности со коишто треба да се усогласат нашите стратегиски и плански документи и да се одразат во нив.

Европските културни политики, меѓу другото, ја признаваат областа на креативните и културните индустрии како клучна за развој на современ културен систем. Затоа треба да се создаде амбиент за развој на културните и креативните индустрии што ќе го искористи талентот, разноликоста и имагинативноста на нашите граѓани, ќе привлече домашни и странски инвестиции и ќе го зголеми учеството на креативните индустрии во севкупниот развој на земјата, рече Алаѓозовски.

Тој додаде дека нашата култура, нашите традиции, нашите вештини, од современа уметност до стари занаети, се широко препознаени и признати во светот. Но, ниеден културен систем не може да се одржува и да се развива ако креативноста не се пренесува од генерација на генерација. Токму затоа, како што рече Алаѓозовски, нашиот образовен систем, нашата целокупна едукација мора да се грижи за пренесувањето на тие традиции и да настојува постојано да ги унапредува знаењето и најсовремените трендови во уметноста.   

На јавната расправа беше истакнато дека сите забелешки и предлози ќе бидат нотирани и разгледани, а дел од дискутантите најавија писмени сугестии.

Министерството за култура и работната група продолжуваат да работат на финализирање на текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2023 – 2027 со акциски план.

Членови на работната група кои го изработија Нацрт-текстот на Предлог-националната стратегија за развој на културата со акциски план за периодот 2023 – 2027 година сеСлавица Бабамова, Константин Димитровски, Маја Вељковиќ-Пановска, Несрин Таир, Роберт Алаѓозовски, Биљана Рајчинова-Николова, Дита Старова-Ќерими, Билјана Тануровска-Ќулавковска, Виолета Качакова, Филип Јовановски и Јане Вртески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.