Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во општина Конче присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на празникот на турската заедница – Денот на настава на турски јазик.
На настанот, Костадиновска-Стојчевска, во присуство на голем број гости од земјава и од Република Турција, со свое обраќање го честита овој значаен ден за турската заедница, посочувајќи дека Министерството за култура ќе продолжи да ги поддржува проектите кои придонесуваат за развојот на турската култура.
„Една од заложбите на Владата и на Министерството за култура е негување и унапредување на традицијата и културата на сите народи што живеат во нашата држава, вклучително и на турската заедница, градејќи демократско општество еднакво за сите. Како политичари, како институции, како систем, како граѓани на оваа држава, се грижиме за јазикот и обезбедуваме услови за зачувување на националниот и културниот идентитет на сите заедници“, порача Костадиновска-Стојчевска.
За Македонија министерката за култура рече дека „отсекогаш била простор на кој се развивале различни јазици и култури во духот на разбирањето и толеранцијата“, додавајќи дека турскиот јазик е дел од нашето богато мултиетничко и демократско општество, а во наставниот процес во државава со поставувањето на асномска Македонија.
„Нашите повозрасни со својата мудрост знаеле дека почитувањето и учењето на јазикот на другиот е богатство, а не непремостлива бариера. Тоа се давало и се примало како знак на пријателство и почит што нашиот народ ја има кон долгата традиција на турскиот јазик, кој има извршено големо влијание во говорот на целиот Балкан“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура посочи дека активностите што ги има турската заедница во земјава имаат значаен придонес во развојот и промоцијата на образованието и науката.
„Со развивање на пријателско, мултикултурно општество ние ги воспитуваме младите да бидат одраз на современата држава која ги негува европските вредности“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање.
На настанот кој се одржуваше во Домот на култура, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Конче, присуствуваа голем број на гости и од земјава и Република Турција, како и поранешниот претседател на Големото национално Собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.