Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера попладне на Крит се обрати на свечената церемонија на Форумот на Културните рути на Советот на Европа, која се одржа во Хања, на Крит.
Церемонијата ја отвори амбасадорот Патрик Енгелберг, претседавач на Статутарниот комитет на Договорот за парцијално проширување на Културните рути 2022, кој им го честиташе вклучувањето на новите членки, Македонија, Либан и Албанија.
Министерката Костадиновска-Стојчевска поздравувајќи ги високите гости, изрази благодарност што Македонија станува дел од оваа уникатна иницијатива, и додаде:„ На оваа програма гледаме како на заедничка придобивка – преку нашите национални културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и преку дијалог и меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор“.
„Ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности. И преку овие културни рути, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја.
Веќе наоѓаме ‘станици’ во утврдените 48 културни рути – од патот на браќата Кирил и Методиј, жените писателки, до патот на приказните; од патот на керамиката до патот на виното и на маслинките, но имаме идеи и енергија за нови патешествија. Зошто да не и: културни рути на аквадуктите, на европските езера, на европските планински врвови, патот на јагулата, до патиштата на вкусовите кои се вкрстуваат и на трпезата нè поврзуваат“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Досега, преку неколку компании, Македонија беше дел од Рутата на маслиновите дрва и Винската рута, Итер Витис. Сега, како рамноправна членка нашата држава има широка платформа за приклучување во европските мрежи за промоција и афирмација во сите полиња на општествениот и економскиот сектор.
Културните рути овозможуваат развој во полето на културата, но и на економијата и одржливиот туристички капацитет на секоја земја, унапредување на односите и комуникацијата во заштитата на културното и природното наследство, во архитектурата и секој вид посебност што културните патеки го нудат за поврзување низ времето и просторот на Европа, користејќи ги придобивките од историјата, но и од актуелните достигнувања на секоја земја.
Советот на Европа преку Културните рути ги унапредува и афирмира човековите права, културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебната размена преку границите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.