Во Кинотеката денеска се одржа јавна дебата за Предлог-законот за културата, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Македонија.
Предлог-законот за културата го изготвија: Министерството за култура; експерти од областа на културата, на културните политики и на менаџментот; претставници од независната културна сцена; претставници од организаторите на настани (ивент-индустријата); претставници од двата репрезентативни синдикати во културата – СОНК и СКРМ и вработени во установите од областа на културата.
Пред почетокот на дискусијата, присутните ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која информираше дека на Предлог-законот за културата се работеше подолг временски период и се заблагодари на сите кои досега активно и конструктивно се вклучија во неговото изготвување.
„Овој Закон е правна рамка која е неопходна за да се уреди еден креативен и слободен простор како што е културата, која ќе нè доближи до европските модели на остварување на културата и до современите тенденции за развој на уметноста и културата. Културата е важен двигател на промените во едно општество“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура додаде дека Министерството за култура со години е отворено за сите забелешки и потреби што се јавуват во тековното работење на институциите и на независната сцена, и во минатото изготвуваше измени на постојниот Закон за да се олесни работата во секојдневието, а сега, од 2017 година наваму, активно работи на овој Предлог-закон со кој, како што истакна, ќе постигнеме современа правна рамка како основа за развој и унапредување на условите за уметничко творење и за заштитата на културното наследство.
Во партнерска атмосфера, во изминативе години искрено и посветено беа и се вклучени голем број експерти, а, како што нагласи Костадиновска-Стојчевска, тоа уверува дека добиваме современа правна рамка која ќе ја унапреди оваа сфера како темелна вредност за секоја држава.
„Искрено се надевам дека имаме стимулативна основа и поволен амбиент за остварување на културата, усогласена нормативна рамка која ќе обезбеди професионално и правично остварување на сите облици на културата, на начинот и условите за финансирање, правата од работен однос во областа на културата и правата од работен однос во националните установи, како и други прашања од интерес за културата“, нагласи министерката за култура.
Таа изрази уверување дека со овој Предлог- закон сме на вистинскиот пат, приклучувајќи се кон современети тенденции што ја третираат културата како исклучително важен фактор на општествениот напредок.
Владимир Ангелов, член на работната група и директор на Кинотеката на Македонија, го образложи текстот на новиот Предлог-закон за културата.
Ангелов истакна дека со Предлог-законот се уредуваат: остварувањето на јавниот интерес во културата во Република Македонија; субјектите што го остваруваат јавниот интерес во културата; основањето, раководењето и управувањето со установите од областа на културата; начинот и условите за финансирање на јавниот интерес во културата; надзорот над спроведувањето на овој закон, како и други прашања од интерес за остварувањето на јавниот интерес во културата.
„Како новина, со овој предлог се утврдени мерливи, јасни и прецизни критериуми за избор на органите за раководење и за управување со јавните установи, со што ќе се придонесе за зголемување на професионалноста во раководењето и управувањето на установите од областа на културата. Исто така, со Предлог- законот е даден правен основ за спроведување на втората фаза од децентрализацијата во културата, односно за пренесување на надлежностите на основачките права на дел од националните установи од државно на локално ниво, а тоа претставува една од основните претпоставки за темелна реформа во културата“, додаде Ангелов.
Во посебна глава од Законот е уредено финансирањето на јавниот интерес во културата како еден од клучните сегменти на реформата во културата, со што ќе се овозможи поотчетно и потранспарентно финансирање на проектите и работата на установите од областа на културата.
„Како клучни прашања утврдени со овој предлог, меѓу другото, се и: донесување годишен план за финансирање на културата со кој ќе се утврдат приоритетите за финансирање на културата за следната година и, како новина, донесување план за финансирање на заштитата на културното наследство за период од пет години. Новина е утврдената обврска предлог-годишната програма за работа на националната установа, со исклучок на предлог-годишната програма за работа на национална установа од областа на заштитата на културното наследство, задолжително да содржи најмалку еден проект што ќе биде реализиран во партнерство/копродукција со автори, уметници, културни работници, самостојни уметници, здруженија и фондации од областа на културата, млади уметници и правни лица кои вршат дејности или активности од областа на културата, како и проекти со кои се афирмира културата на припадниците на заедниците во Република Македонија или да содржи најмалку еден проект на друг носител на проект кој ќе се реализира во просторот што го користи националната установа. Новина во Законот е министерот за култура да може да склучи и посебен договор/програма за повеќегодишно финансирање на одреден проект или активност на националната установа во согласност со Законот за буџетите“, појасни Ангелов.
Други новини се: се дава можност и менаџери во културата, куратори и стручните работници во областа на заштитата на културното наследство да можат да се стекнат со правото на поволности како самостојни уметници; стручната евалуација на проектите доставени на конкурсите на Министерството за култура да ја вршат оценувачи што ќе бидат избрани на јавен повик; можностa врз основа на конкурс да се склучи договор за период од три години за финансирање програми, односно проекти на приватни установи, здруженија и фондации и на други правни лица чиј основач не е Република Македонија, односно единиците на локалната самоуправа, односно кои не се основани со јавни средства; поимот „даватели на услуги“ се заменува со поимот „носители на дејност“; наместо досегашната реаудиција, утврдено е дека во постапката за унапредување на уметникот му се врши проверка на уметничките способности за повисокото место за кое се унапредува и друго.
Новина со овој Предлог на закон е пропишувањето постапка во која доколку при вршењето надзор над работата на органите на општината и на Градот Скопје Министерството за култура констатира дека и покрaј дадените укажувања и преземените мерки и активности, органите на општината и на Градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите кои со закон се утврдени како нивна надлежност и за чие извршување се одговорни општината и Градот Скопје, по сила на овој закон може да им се одземе вршењето на соодветната надлежност.
Сите забелешки и предлози дадени на јавната расправа беа нотирани и ќе бидат разгледани, а дел од дискутантите најавија писмени сугестии.
Министерството за култура и работната група продолжуваат со работа на финализирање на Предлог-законот за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.