Светот денеска е една, голема музичка сцена на која го славиме Светскиот ден на музиката. Како универзален јазик на цивилизацијата, музиката ја имаа таа моќ да ги поврзува народите зашто заеднички и единствени се емоциите кои произлегуваат од нотите, напиша денеска на својот фејсбук профил министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Денеска, 21 јуни, музиката ги обединува и зближува луѓето од сите и на сите континенти на јавните простори исполнети со народ.

Музиката ја има таа моќ да ги собира луѓето заедно при создавањето нови звучни светови какво што е секое музичко дело и во радоста на заедништвото додека се слуша и додека се танцува во нејзиниот ритам.
Со богатата музичка традиција и со разноличноста на музичките форми, и македонската музика е значаен дел од светската музичка ризница и затоа Министерството за култура ја дава целата поддршка за негување на музичките традиции, за поддршка на сите вредни, традиционални и нови музички форми.
Со посебно внимание сме посветени на афирмација и развојот на новата генерација музичари за да продолжат да ја следат својата страст за музиката и кои го збогатуваат нашиот живот со своите музички креации.

Денеска, на Светскиот ден на музиката да ја прифатиме моќта на музиката во целата нејзина разновидност на богатите култури што таа ги претставува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.