Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Националната опера и балет учествуваше на панел-дискусијата по повод одбележувањето на 5 мај, Денот на македонскиот јазик.

Честитајќи го овој значаен ден, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите оние што, како што рече, „македонскиот јазик го чуваа, го надградуваа, го негуваа, го зборуваа и ни го пренесоа како аманет, како тестамент“.  

„Ни македонскиот ни кој било друг јазик не е создаден како оружје. Јазикот е бедем, јазикот е идентитет, јазикот никогаш не нè оставил сами. Кога ќе ја разбереме моќта на зборот , тогаш сме ја разбрале и силината на јазикот. Нема грд јазик. Има само агресивни соговорници кои посегнуваат по јазикот со сето непочитување, најнапред, кон сопствениот јазик. Тој вербален истрел не е дострел“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура потсети дека Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик влегува во собраниска процедура и потенцира дека тој е одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на сопствениот, македонски јазик и на неговото кирилско писмо.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително ќе се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, а задолжително лекторирање ќе врши само лектор со лекторска лиценца. Истовремено, со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Се предлага и основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, кој ќе врши инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик.

„Секое непочитување на употребата на македонскиот стандарден јазик повлекува санкции. Предложените прекршочни одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоци. Имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство – јазикот како духовно, нематеријално културно богатство, се пропишуваат глоби во трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби“, информираше Костадиновска-Стојчевска.

Подигањето на општото ниво на јазична култура, негувањето и развојот на македонскиот стандарден јазик како значајно и препознатливо обележје на македонскиот народ, рече министерката за култура, е нешто во кое мора сите да учествуваме, со постојана свест дека „јазикот е нашиот темел, нашиот идентитет, нашата Татковина“.

Во контекст, пак, на јазикот низ новите медиуми,  таа истакна дека, за жал, покрај другите негативни работи, поразителен е фактот што и во 21 век нашата помлада популација обесписменува во сите фонтови.

„Затоа и овогодишното мото за Денот на македонскиот јазик е ’Пишувај на кирилица‘, за да не го заборавиме нашето преубаво и посебно кирилско писмо, нашата азбука од 31 буква. Имаме зборови, македонски зборови за сė. Би сакала младите да објавуваат, да пишуваат на македонски со македонското кирилско писмо и самите да ги осознаат убавината и богатството на сопствениот јазик. Зашто јазикот е последната одбрана од заборавот. Имаме соодветен убав збор за секое ’гуглање, стримање, форвардирање, гејмирање….‘, рече Костадиновска-Стојчевска.

Во контекст на јазикот, министерката за култура се осврна и на неколку значајни јубилеи што се прославуваат годинава, како: 120 години од објавувањето на книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“, 100 години од раѓањето на великанот на македонската лирика Ацо Шопов како дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин,  30 години од смртта на Блаже Конески, 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, Кичевско, и други. Таа додаде дека има и многу други годишнини кои културните установи и центри низ државава достојно ќе ги одбележат во оваа, 2023 година со поддршка од Министерството за култура.

На крајот, Костадиновска-Стојчевска ја сподели и веста дека Владата го усвои предлогот на Министерството за култура за воведување две нови државни награди, и тоа: првата, на Иницијатива од Советот за македонски јазик, наградата „Блаже Конески“ за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, и втората, на Иницијатива од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, наградата „Ремзи Несими“ за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик во земјава. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.