На Античкиот театар во Охрид, во присуство на многубројни домашни гости, но и гости од странство, свечено беше отворено 63. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација со интернационален предзнак, „Охридско лето“.

Фестивалот започна со концертот на светски позната оперска дива од Романија, Анџела Георгиу, која настапи со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Македонија и под диригентската палка на извонредниот Чипријан Теодорашку од Романија.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање ги истакна заложбите на, како што рече, создателите на „Охридско лето“, луѓе со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност.

− Претпоставувам дека на тој пат тие тргнале  „вооружени“ со храброст и трпение да му се спротивстават и на сомнежот, можеби и на потсмевот, на суетите, и на прогнозите за краток век на идејата да се роди нешто големо и нешто што ќе трае. Зарем тоа не е порака?! − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека фестивалот го надоградуваа генерации и генерации целејќи кон совршенство, за нашето „Охридско лето“ да се етаблира во редот на најдобрите пет елитни фестивали во Европа.

− И три децении да се одржува на оваа престижна листа. И уметниците од светот самите да сакаат да учествуваат на „Охридско лето“. Па макар и да бидат на листата на чекање. Зарем тоа не е потврда?! Со благодарност кон основачите, можеме само да им оддадеме признание со зборовите – ја постигнаа целта“ − додаде Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура ја нагласи важноста на уметноста и, како што рече, во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост.

− За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед. Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, „Охридско лето“ е подарок − додаде таа, нагласувајќи дека токму седиштата од камен на „Античкиот театар“ се сведоштво дека културата кај нас има стар датум.

− Таков е нашиот Охрид, со право – наша духовна престолнина, наш неизбришлив културен код, лулка на сесловенската писменост. „Охридско лето“ е неговата најдобра разгледница. „Охридско лето“ одамна е во Европа. Стариот континент со својот истанчен и пребирлив вкус за културата и уметноста, со задоволство ќе повторам, високо го вреднува овој фестивал − додаде Костадиновска-Стојчевска.

Како потврда за високиот квалитет и уметничко ниво, Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е дел од Европската асоцијација на фестивали, финансиски поддржан од Владата, Министерството за култура, Општина Охрид, а под покровителство на Претседателот на државата.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, а фестивалскиот оган го запали директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, која пред две години ја доби титулата почесен делегат на Европската фестивалска асоцијација. 

Годинава, честа да ја пренесе уметничката порака ја имаше нашата реномирана уметница Бисера Чадловска – прва жена диригент во Македонската опера и балет, која неодамна ја одбележа 20-годишнината од својата уметничка дејност.

Љубителите на уметноста во 40 фестивалски вечери ќе имаат можност да уживаат во концертите и театарските претстави со реномирани уметници од 20 земји од светот и секако уметници од Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.