Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј-Охрид, а учество земаа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцираше Костадиновска – Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информарше членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата, во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ , во Република Албанија и во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.