Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешното гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на Македонската радио-телевизија апелираше до корисниците кои сѐ уште не аплицирале на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, да го сторат тоа, имајќи предвид дека е ова последна недела и да не го чекаат последниот рок.
За помош за корисниците е изработена видеопрезентација за чекорите за аплицирање. Системот е поедноставен. Ги повикуваме да аплицираат и оние што никогаш не аплицирале досега. Да напомнеме дека документацијата мора да биде целосна. Не треба да се случи преоптовареност на системот и да се чека последен момент, рече министерката за култура.
Таа потсети дека од 3 октомври е отворен системот за електронско пријавување на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, кој ќе биде затворен на 6 ноември, точно напладне.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека комисиите што ќе ги разгледуваат пристигнатите проекти се веќе формирани и следува периодот кога започнуваат да ги разгледуваат пријавите на националните установи.
Веруваме дека новините и промените што ги направивме во Конкурсот ќе дадат дополнителен квалитет. Главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти: квалитет, иновативност, креативност. И следната, 2024 година, во фокусот ќе биде поддршката на младите луѓе. Не може постојано да се бара само искуство, треба да се даде предност и на младите кои првпат аплицираат на конкурсот, рече Костадиновска-Стојчевска, која потсети дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии.
Костадиновска-Стојчевска го спомена и позитивното искуство од проектот „Цртај на македонски“ во чии рамки беа поддржани креативноста и иновативните идеи на голем број млади и токму во таа насока ќе се движат и приоритетите за одлучување на комисиите на годинашните конкурси.
Секоја година се давало и се дава предност на традицијата, културата, нашиот јазик, идентитетот и на она што нам ни претставува национална гордост. Сето тоа има предност и се финансира дури некогаш и во целост од Министерството за култура. Тоа не е обврска само на НУ коишто се занимаваат со таа дејност, морам да ги споменам: НУ „Танец“, НУ Ансамбл на албански народни ора и танци, „Илиденски денови“ кои ги организира ЦК во Битола, фестивалот „Рута“ кој го организира Драмскиот театар. Комисите секоја година обрнуваат внимание на креативноста, на уникатноста на млади автори, меѓутоа традиционалните вредности се застапени еднакво во финансирањето проекти од областа на култура, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази верување дека буџетот на Министерството за култура за 2024 година ќе биде повисок, но потсети дека конкурсите се однесуваат на поддршка на проекти, а не на целосно финансирање.
На гостувањето, Костадиновска-Стојчевска зборуваше и за настаните со кои неодамна се одбележа 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Таа уште еднаш изрази задоволство што на една еминентна високообразовна институција како што е Колеџот во Лондон, се изучува македонскиот јазик и изрази верба дека во иднина ќе се унапредуваат овие активности.
Костадиновска-Стојчевска ја нагласи важноста на културата во промоцијата на една држава, тоа се потврди и со интересот за концертот на пијанистот Дино Имери кој настапи во Лондон, а овој месец тоа ќе биде потврдено и со проекциите на филмовите „Медена земја“ и „Кајмак“ во британската престолнина. За средбата со студентите кои се едуцираат на високообразовните установи во Обединетото Кралство, министерката за култура рече дека била средба полна со надеж, со млади луѓе кои имаат желба своите вештини да ги имплементираат во развојот на македонската држава.
Стана збор и за „Скопје – Европска престолнина на културата“, за што потсети на целосната поддршка на Владата и на Министерството за култура за оваа престижна титула, која бара и огромна работа и посветеност. Носители на апликацијата се Град Скопје и ЈУ Универзална сала, а, како што рече министерката за култура, ќе покажеме дека знаеме и можеме.
Европска престолнина на културата е навистина многу престижна титула, меѓутоа е титула која бара многу голема работа и посветеност, не само до 2028 туку и понатаму. 2028 ќе биде само почетната година во која ние ќе покажеме што знаеме и што можеме да направиме, а знам дека имаме многу што да покажеме и да се пофалиме, но сето она што ќе следува по 2028 г. ќе биде предмет на набљудување од страна на комисијата што ни ја додели таа титула, додаде Костадиновска-Стојчевска.
За Универзална сала, министерката за култура рече дека сѐ уште не е завршен процесот за преземање на документацијата од Град Скопје.
За жал, сѐ уште топката е во рацете на Град Скопје. Имаше само гласање на седница на Град Скопје на која советниците се согласија ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала да преминат во Министерството за култура. Се добива впечаток дека сега Универзална сала припаѓа на Министерството, а тоа воопшто не е така. Имаме само една одлука на Советот којашто градоначалничката треба да ја спроведе. Ние излеговме малку од нашите ингеренции, пред два дена испративме предлог-договор за преземање на правото за реконструкција на Универзалната сала. Апелирам што побрзо да се заврши тоа. Навистина имаме потреба од тој објект. Владата и Министерството за култура се одговорни институции, меѓутоа постапките и процедурите ќе започнат веднаш штом ја преземеме документацијата. Наша цел е што побрзо да се преземе Универзалната сала и да започнеме со интензивна работа за нејзино обновување за Скопје, за конечно главниот град да добие сала каква што заслужува една Европска престолнина на културата, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура на крајот од гостувањето најави дека на 20 декември, кога е и роденденот на Ацо Шопов, со премиерата на балетската претстава „Молитви на моето тело“ во Националната опера и балет ќе биде заокружено честувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот. Претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура и претставува театарска актуализација на истоимениот поетски циклус на Ацо Шопов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.