Поздравното обраќање на отворањето на 57. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која од оправдани причини не можеше да присуствува на отворањето, го прочита уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска.
„Годинава сите се враќаме дома, во градот – театар. И, секогаш е пријатно кога сме свои на своето. Прилеп, македонскиот театарски центар и годинава ни ја покажува моќта на раскажување приказни преку театарската уметност. Имаме сериозен фестивалски концепт со исклучителни драмски автори, режисери и актери кои ќе нè одведат на патување низ времето и просторот“, вели Костадиновска-Стојчевска. Таа истакнува дека фестивалот „Чернодрински“ e вистинска прослава на уметноста, каде на едно место се собираат врвни театарски професионалци кои преку благородна форма на сценската игра, пред публиката ги актуелизираат животни прашања кои се околу нас.
„Фестивалот со гордост го носи името на основоположникот на македонската драма, познатиот драмски автор, актер и режисер Чернодрински, и е вистински симбол на традицијата во развојот на македонската култура и белег на препознатливост за нашите творци“, додава Костадиновска-Стојчевска.
Таа во своето обраќање го истакна и значењето на националната драматургија и националниот театар кои како што вели, играат клучна улога во чувањето и промовирањето на македонскиот јазик, на македонското творештво и на културното наследство.
„Овде на Чернодрински, преку вашето творештво вие го развивате уметничкиот талент на нашата мајковина и татковина. Отворате социјален дијалог и ја кревате свеста за важни прашања од нашето заеднички битисување“, додава Костадиновска-Стојчевска.
Таа спомена дека заради македонското творештво, Министерството за култура, во соработка со Фестивалот „Војдан Чернодрински“, со цел збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори, отвори посебен конкурс за избор на три необјавени и непоставени македонски драмски текстови.
„Нашиот Чернодрински, пред повеќе од еден век, ја застапувал тезата дека театарот треба да биде оружје. Има ли посилно оружје од театарот? Од уметноста. Од културата. Фестивалот Чернодрински е едно од најсилните оружја со кое успешно ја чуваме и развиваме македонската уметност“, додаде таа.
Министерката за култура упати честитки до селекторката на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, и до целиот фестивалски тим, кои, како што нагласи, со своите многубројни идеи, посветеност, ентузијазам и визии за развој на оваа многу значајна театарска манифестација воведоа неколку новитети. Таа им честита и на лауреатите на фестивалот, добитници на наградата за животно дело, доајените на македонската култура, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.
Фестивалот започна со претставата „„Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Во рамките на Фестивалот, во градската библиотека „Борка Талески“ беше отворена изложба со ретка и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокусот, Коле Чашуле.
Под мотото „Враќање дома“ најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност до 16 јуни ќе понуди богата програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.