Со изведба на “Во борба”, “Партинзански марш”, “Марика”, “Девојченце црно ле око” “Невесто црвен трендафил” и македонската химна „Денес над Македонија“, камерниот оркестар на Битола и младинскиот хор на КУД „Стив Наумов“ го одбележаа Денот на народното востание на македонскиот народ под мотото 11 октомври во срцата, денеска во Градски Парк во Битола во организација на Министерство за култура. На настанот присуствуваа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот на Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 година како и граѓаните продолжувачи – Општински одбор – Битола Стефан Бошков заедно со раководството.

Не случајно луѓето секогаш ја поистоветувале слободата со светлината. Оттука, да се избере еден светол ден како денешниов, за да се потсетиме на еден светол празник не е случајно. Низ вековите, идејата за слобода го насочувала патот на праведниците кои сакале самите да ја мислат својата сегашност и иднина. За неколку дена е 11 Октомври, Денот на народното востание, ден кога им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност. Во нашата татковина, постојат споменици кои симболизираат урни на паднатие борци, но сеќавањата кои ги правиме по овој повод се најголемата урна, најубавата, која го симболизира вечниот пламен на слободата. Зошто тие храбри жени и мажи никогаш не смеат да бидат заборавени, истакна министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Претседателот на Сојузот на борци Бошков потенцираше дека основањето на организацијата ималоза цел организирање и зачленување на учесниците од НОВ, борба против остатоците од фашизмот, грижа за придобивките од НОВ, чување и развивање на традициите, водење на грижа за преживеаните борци, за родителите и децата на паднатите борци, за инвалидите од борбата и слично.

Ќе продолжиме и понатаму да градиме споменици. Во тек се активности за поставување на две бисти и реконструкција на партизанските гробишта.  Денес, битолската организација на СБМ е современа и модерна, невладина и непартиска општинска организација, најактивна и најорганизирана во целата република и мора така да биде заради тоа што такво наследство ни оставија нашите претходници. , рече пред присутните Бошков.

Тој додаде дека јасно ги изразуваат нивните ставови кога се омаловажуваат и негираат придобивките од НОАВМ особено кога се формираат наводно културни клубови со називи на осведочени фашисти или кога се негира македонската историја, темелот на нашиот идентитет.

Манифестот, одлуките и прогласот на АСНОМ од 1944 година врз чии основи се формира слободна македонска држава ќе останат темелна одредница и патоказ на нашето понатамошно делување. Во Битола и околината беа изградени 17 споменици, споменик на Стив Наумов, споменик на политичките затвореници и централниот споменик на Револуцијата пред Домот на културата, околу 60 бисти, 48 спомен-плочи, 7 спомен-чешми, во чест на Народноослободителната војна и загинатите борци, додаде Бошков.

Пред присутните во градскиот парк во Битола беа доделени и награди за училишниот конкурс за поезија по повод 75 години Сојуз на борци во основните училишта во Битола насловен како ,,Пламенот наш Октомвриски вечно гори”.

Учениците добија признанија за лична поезија во три категории и тоа за IV-V одделение на ученикот Божидар Петрушевиќ под менторство на наставникот Даниел Митревски ООУ „Стив Наумов“ Битола кој ја напиша поезијата „Вангел Мајорот“. Во категорија VI-VII одделение ученичката Мила Нечовска под менторство Александра Упале ООУ „Св.Кирил и Методиј“-Битола која ја напиша поезијата„Пламенот ваш октомвриски вечно ќе гори“ и во категорија VIII-IX одделение ученичката Нектарија Илиевска од ООУ „Елпида Караманди“-Битола со поезијата „11 Октомври“.

На 26декември 1947 година во Битола е основана Општинската организација на Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 година  и годинава ја одбележуваат 75-годишнината од основањето.  За прв претседал бил избран Аце Ристевски, а понатаму претседатели биле Вангел Нечевски-Тунело, Јани Јовановски, Цане Павловски, Благој Иљовски, Мишко Божиновски, Дојчин Апчевски, Пецо Гудовски, Кицо Најдовски, Јорго Ристевски-Манџуро, Александар Милевски, Гавро Пановски, Илија Малевски, Александар Трајковски и Стефан Бошков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.