Во тек е конзервацијата на палатата на локалитетот „Билазора“ во Свети Николе, која ја реализираат тимови од Завод и музеј на град Штип и Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Професорот Драги Митревски изјави дека досегашните истражувања зборуваат оти овде градбата започнала околу петти век пред нашата ера, а веќе во четвртиот век е во полна употреба. Во овој период има и податоци за кралеви и историски настани поврзани со нив, што е една нова недоволно позната историска страница.

– Годинава работиме на доистражување источно од палатата на просторот надвор од палатата, заради тоа што не можеме да ја отвориме целата поради нерешени имотно-правни односи. Се концентриравме на еден простор кој беше многу речит, кој ни даваше многу податоци за тоа што било тука пред да се крене палатата, кога е таа почната да се гради, на кој начин се гради и сето тоа го откриваме на тој простор што сега го истражуваме. Ние најдолу откриваме куќи од железното време со наоди, врз нив тој простор се користел како култен простор, во време кога почнува да се гради палатата, па тука се жртвуваат животни, што го одбележуваат почнувањето на градба на платата, појасни Митревски.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов рече дека конзервацијата на владетелската палата на „Билазора“ во Свети Николе е проект одобрен преку Програмата на Министерството за култура за проекти од национален интерес.

– Последните дваесетина дена работиме на оваа локација. Се средуваат скалите, се средуваат оние пропратни елементи кои се поврзани со палатата. Минатата година го започнавме овој проект, оваа година го реализираме она што беше замислено и од догодина се надевам дека ќе продолжиме со конзерваторските истражувања и изготвување документи за конзервација, додаде Штерјов.

Тој посочи дека претходниот месец беше реализиран проектот за археолошки истражувања на Пилав Тепе, каде е откриена огромна базилика, а за следниот период останува уште проектот на Трескавичка чука на езерото Мантово. Со ова, Програмата од областа на заштитата на културното наследство би била реализирана најдоцна оваа есен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.