Концерт посветен на прерано починатиот уметник, флејтистот Илија Зимбо ќе се одржи вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ како дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Ќе настапи „Пијано Трио“ составено од тројца етаблирани музичари Татијана Петрушевска – Караскаковска – прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски – прв фаготист во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ и Петар Макариевски – пијано, уметнички соработник при ФДУ.


Ова трио ги здружи своите сили во 2014 година и својот прв настап го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваа концерти во скоро сите градови во Македонија, како и во Нови Сад во годината кога овој град беше Европска престолнина на културата. Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов,напишаа дела специјално за „Пијано Трио“ , кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад. Во ноември 2022 година Триото настапи со програма од рецитали на фестивалот „Есенски музички свечености“ со дела од светската литература, а во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на Триото.
Охриѓанецот Илија Зимбо беше истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на Националната опера и балет. Иако почина прерано, позади него остави богата концертна биографија и бројни награди на престижни натпревари ширум светот. Неговиот репертоар вклучуваше дела од разни епохи, од барокот до современата музика, а поради извонредната способност за експериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата, специјално за него компонирале повеќе македонски композитори, како Томислав Зографски, Панде Шахов, Љубомир Бранѓолица и Тома Манчев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.