Во Центарот за култура Струмица вечер во 20 часот концерт ќе одржи камерниот состав „Агогик “ со сценски настап на Владанка Колева и Онур Мок од „Центар 213“.

Ќе бидат изведени танго композиции, милонги, валцери од најпознатите композитори на тангото, како Пјацола, Канаро, Гардел и други познати композитори.

Настанот е во рамки на концертната турнеја насловена „Танго приказна“ чија цел е доближување на танго културата, музиката и танцот пред широката македонска публика.

Досега се одржани два концерта во рамки на турнејата – во Културно информативниот центар-Скопје во мај и во Офицерскиот дом во Битола во јуни.

Камерниот состав „Агогик“ постои 15 години и настапува со танго музика. Го сочинуваат Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации во земјава, како и во Србија и Грција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.