На 25 септември од 19 часот во фоајеto од ЦК „Марко Цепенков“ концерт на пијано ќе одржат Татјана Џорлева и Ангеле Михајловски.На програмата се дела од Григ, Јанкоски, Леон, Коларовски.

Татјана Џорлева е пијанистка од Македонија. Дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стела Слејанска – Стојаноска. Магистерските студии по пијано ги завршува со највисок просек на истиот факултетот. Татјана Џорлева го продолжува своето усовршување на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што ја завршува Докторската Дисертација по пијано интерпретација, исто така под менторство на проф. Стела Слејанска – Стојаноска, a научно истражувачката дејност на докторатот ја работи кај проф. Димитрије Бужаровски. Во текот на своето образование работи со врвни педагози од кои се издвојуваат проф. Акилес Дел Вињ (Салзбург), Mарчела Крудели (Италија), Рита Кинка (Србија), Andrej Diev (Русија), Наташа Вељковиќ итн.

Џорлева како солист реализира бројни концертни настапи во својата земја и на европската сцена. Како солист одржува концерти во: Франција, Италија, Австрија, Германија, Англија, Бугарија, Србија, Хрватска и концерти низ повеќе градови во Македонија. Настапувала во рамките на фестивалите “Штипско лето”, “Скопско лето”, “Охридско лето”, “Музика Вива”, “Балкански класичен музички фестивал”, фестивал за современа музика “Модоарс”, “Денови на Македонска музика”, “Шопенова вечер”. Како солист учествува и на бројни концертни настани во организација на Францускиот културен центар, Британскиот совет, Културно информативниот центар итн. Остварува голем број соработки со македонски композитори (Бужаровски, Коларовски, Зогравски, Гајдов, Темков), промовирајќи ја современата музика во Македонија и надвор од неа.

Џорлева е активен член во клавирското дуо Гацева–Џорлева. Денес работи како редовен професор по пијано, камерна музика и методика на наставата по пијано на Музичката академија во Штип.

Ангеле Михајловски е роден 1982 година во Охрид, каде го завршува основното музичко училиште. Средното музичко образование го продолжува во Штип во класата на проф. Јасминка Бикова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Стела Слејанска. Веднаш по дипломирањето се вработува во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип како професор по пијано и корепетиција. Во тој период, под менторство на проф. Слејанска ги запишува магистерските студии кои успешно ги завршува во 2010 година. За време на студиите бележи бројни солистички, камерни концерти во Македонија, но и во други држави како Србија, Бугарија, Чешка, Франција, САД итн. Од 2010 година е член на музичкиот состав „Портал“ со кој успешно реализираат повеќе проекти и концерти.

Од 2007 година Ангеле Михајловски е вработен на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде работи како професор по пијано. Во 2015 година ги запишува докторските студии по пијано во класата на проф. д-р Ана Гацева, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од септември 2017 година е организациски раководител на дувачкиот оркестар Проарт од Штип, со кој реализираат бројни концертни активности на важни настани и фестивали. Во 2020 година е избран за редовен професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.