Во вторник, на 17 октомври, о Музејот на Македонската борба во 20 часот концерт ќе одржи пијанистката Хајди Елзесер. Концерто е дел од Фествалот „Златна лира“.
Успешна на полето на солистичката и камерната музика, но и во педагогијата, оваа македонската уметница што живее и работи во Германија негува посебен сензибилитет и длабок однос кон музиката, за што сведочат многубројните рецензии напишани за нејзините настапи на концертните подиуми низ Европа. Познатиот француски критичар Шантал Стиљани дури истакнува дека Елзесер ги исполнува француските композитори со таков француски сензибилитет, поголем и од оној на француските музичари. Посебна љубов таа негува кон делата на македонските композитори кои честопати се застапени на нејзиниот концертен репертоар, не ретко и како праизведби. Хајди Елзесер им вдахнала живот на бројни дела од Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Александар Пејовски, Михаило Трандафиловски, Панде Шахов, Ана Пандевска, Костадин Делиниколов, Владимир Николов.
Нејзините изведби се редовно застапени на македонските фестивали како „Денови на македонска музика“, а оваа година својот подиум ќе ѝ го отстапи фестивалот „Златна лира“. На програмата се дела од Јорг Петер Митман, Јоханес Брамс, Гизелер Клебе, Константин Делиниколов, Морис Равел и Франсис Пуленк.
Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот.
Елзесер има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011г Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“.
Хајди Елзесер е родена во Скопје, Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на С. Слејанска, го продолжува студиите на Екол Нормал де Музик во Париз каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот Конзерваториум исто така во Париз, Франција.
Елзесер работи неколку години како асистент на ФМУ Скопје, а по студиите во Германија (во којшто период работи како асистент на Проф. Бавузе) останува таму и работи како предавач на Факултетот за музика во Детмолд. Хајди Елзесер е член на жири комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастеркласи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.