На 9 ноември (сабота) 2024, со почеток од 18:30 часот, во КИЦ на Република Македонија во Софија ќе се одржи концертот на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски.
КВАРТЕТО е состав единствен од ваков тип во Македонија, а неговата визија е камерното музицирање да стане неизоставен дел од концертите.
Камерниот состав изведува композиции од авторот на проектот Марко Виденовиќ кој преку своите композиции раскажува градски приказни, прифатливи за секаков вид на публика.
Атрактивната програма, специфичноста на составот и инструментите, како и професионалноста на уметниците, кои беспрекорно се претставуваат низ државата и пошироко
Квартетот е составен од членови во нашите Национални оркестри Филхармонија и Опера и балет: Марко Виденовиќ (автор, виола, пијано), Марија Јакимовска (флејта), Кристијан Кожумановски (контрабас), Игор Бакревски (кларинет).
Целта на овој проект е на високо културен и достоинствен начин да се претстави овој камерен состав, преку изведба на 10 композиции кои сочинуваат една приказна во времетраење од 60 минути.
Одлична шанса и подиум за уметниците, ќе ги истакнеме културните особености и вредности на камерното музицирање со музика од македонски автор.
Марко Виденовиќ е роден 1980 година во Крушевац, Србија. Основно и средно музичко образование завршил во Битола, а со високо образование се стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за виола. Како член на повеќе камерни состави и ансамбли („Бревис квартет“, „Мјузик прогресив квартет“, ансамблот за современа музика „Алеа“, Битолски камерен оркестар, Младински оркестар на Југоисточна Европа, оркестарот на Музичка младина на Македонија, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и др.), настапувал на подиумите во Македонија и во светот. Свој удел како композитор и аранжер имал во филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, како и комплетен автор на музиката што ја изведува „Мјузик прогресив квартет“.
„Горд сум што сум член на Македонската филхармонија повеќе од дваесет години. Пишувам поезија, цртам карикатури, компонирам и ја обожавам природата“.
Кристијан Кожумановски роден во Битола, своето музичко образование во започнува во родниот град, каде го завршува и средното образование во класата на професор Никола Баљаревски. Кожумановски од најрана возраст настапува на концерти и натпревари ширум државата каде се здобива со бројни награди и признанија. Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Александар Поп Христов. Член е на во младински оркестри, како оркестарот на Музичка младина на Македонија со настапи на нашите реномирани фестивали Охридско лето, Скопско лето, БитФест, како и во меѓународни оркестри.
Марија Јакимовска започнува да изучува флејта од рана возраст водена од професор Радмила Попоска, најпрво во нижо музичко образовани, па во средно музичко образование во ДМБУЦ Илија Николовски – Луј, закитувајќи се со бројни награди и успеси, а подоцна и на Факултетот за музичка уметност каде што дипломира и магистрира во класа на професор Страшо Темков. За време на образованието посетувала семинари и мастеркласи кај бројни професори.
Настапувала како солист со камерниот оркестар при ДМБУЦ„Илија Николовски –Луј“, со Филхармонија на Р.С.Макединија, и на голем број камерни концерти и рецитали. Како солист има настапувано во Македонија, Израел, Чешка, Италија, САД, Австрија, Косово, Бугарија, Русија итн. Пројавува особен интерес и афинитет кон камерната музика и од 2012година е член на „Скопскиот дувачки квинтет“ како и на камерниот оркестар „Скопски солисти“, на камерниот состав „ TheQuartet“, и 10 години била член на квартетот флејти „Аулос“.
Како флејтист во Националната Опера и Балет и надворешен соработник на симфонискиот оркестар за филмса музика F.A.M.E’.S соработувала со голем број врвни диригентски имиња: Бенџамин Шварц, Тимоти Редмонд, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа, Јерухам Шаровски и др.
Нејзина пасија се едукативни проекти наменети за млада публика и млади музички професионалци. Од 2017 година соработува со МММ и е проектен координатор на кампот и на камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија. Координатор е и на летниот музички камп во Михајлово.
Како еден од позначајните проектот наменети за развој на млада публика “Balckboard music project”-подржан од ЕУ и Министерството за култура, Јакимовска била дел од серија концерти низ голем број училишта во Данска и Белгија во кои биле пријатно изненадувачки прифатени, од различни возрасни групи на ученици. Редовно одржува концерти за млада публика низ сите градови во државата.
Добитник е на повеќе лични награди и признанија од државни и интернационални натпревари, семинари.
Игор Бакревски е роден 1987 година во Битола, Македонија, каде што го завршил основното и средното музичко училиште во класата на проф. Панде Татарчевски. За време на студиите има освоено многу награди на натпревари во својата земја и во други земји. Во 2004 година учествува во Европскиот младински оркестар “JИМИСО“ и има многу концерти во различни земји во Европа. Следната година Игор ги започнува студиите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Факултет за музичка уметност во класата на проф. Иван Кочаров, а студиите ги заврши четири години подоцна во 2009 година. Во 2007 година, тој исто така студирал на конзерваториумот во Бостон во класата на проф. Џонатан Колер. Истата година се враќа во Македонија и започнува да работи во Македонската опера и балет каде што е вработен и до денес.
Игор имаше самостојни настапи со оркестарот на – Факултетот за музичка уметност – Скопје, Оркестарот на Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, оркестарот “FAMES” за снимање музика во Скопје, Македонија и Биг-бендот на – Факултетот за музичка уметност. Во 2015 година ги завршува постдипломските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на проф. Сава Димитров. Во моментов Игор е член на Македонската опера и балет, свири со Македонската филхармонија како прв кларинетист и Е-флат кларинетист, прв кларинет во оркестарот ФАМЕС исто така со дувачкиот оркестар од Скопје и многу други камерни групи како „Дуо кларинети Ѓоревски-Бакревски“, „Опера трио“, „Сонорис“, „Согласка“ и други различни формации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.