Оркестарот на Македонската филхармонија на 26 јануари, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Лезет“, на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов. На програмата се „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски, со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.
Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм. Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија.
Најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, Александар Иванов, пак, ги спојува експресивната музикалност и техничката експертиза со разновиден репертоар, водени од уметничката љубопитност. Александар Иванов е добитник на Меморијалната стипендија „Теплицки“, стипендијата „М. и Е. Коен“ и стипендијата „Хариет и Дејвид Колвин“… Бил солист со Македонската филхармонија, Дунавскиот симфониски оркестар, со радиооркестарот Класик ФМ. Тој свири на виолина направена од Гаетано Антоањаци, која му е позајмена од школата Џулијард.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.