КОНЦЕРТ НА ДУО КИРОВСКИ

Љубиша Кировски – виолина и виола
Маја Шутевска – Кировска – пијано

Петок, 15 декември, 20 часот
Фоаје на Националната опера и балет
На програмата се делата: Соната за виола и пијано од Р. Кларк, Соната за виолина и пијано KB454 од В. А. Моцарт, премиерна изведба на соната „Mount Ida“ за виолина и пијано од Ф. Сај, како и премиерна изведба на композицијата „Foreverness“ од Д. Јордановски, инаку посветена на Дуото Кировски по повод 30-годишниот јубилеј.
Повеќе од три децении, уметничките и животните патишта им се вкрстуваат во еден ретко успешен сценски израз, во креативна уметничка сеанса во која и виолината и пијаното се надополнуваат со неверојатна компактибилност, категоризирајќи го камерното Љубиша Кировски – Маја Шутевска Кировска во супериорните камерни формации на македонската музичка сцена. Слични или идентични уметнички концепции и восприемање на музиката, се фундамент на креативната сила на ова дуо, низ која блеснува необичен музички оптимизам, но пред сè студиозна анализа врз музичката материја.

Во триесетгодишната уметничка биографија на камерното дуо Љ. Кировски и М. Шутевска Кировска можат да се регистрираат бројните настапи и гостувања во странство Њујорк – Clavier House, Лондон, Велика Британија, Бугарија, Германија, Истанбул, Хрватска, Србија, Црна Гора – „БЕЛЕФ“ фестивал, Полска, Италија, Швајцарија, Северен Кипар – „Beledijesi Festival“, Финска – „Emsalo Festival“, од каде секогаш се враќале со блескави музички критики, како и на сите домашни фестивали: „Охридско лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест“, „Златна лира“, „Штипско културно лето“, „Скопско лето“ и „Есенски музички свечености“, како и настапувајќи секоја година со премиерна програма во „Салон 19’19.“

Двајцата дипломци и магистранти на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класите на професорите Зоран Димитровски и Тодор Светиев, своето образование го завршуваат со највисока оцена и посебна пофалба cum laude. Извонредно богатите искуства Дуото Кировс ги стекна низ специјализацијата на Европската Моцарт Академија во Полска кај познатите Г. Жислин, И. Роман, Г. Такач П. Шабо, Г. Самољотов, а тесната специјализација за изведба на сонати за виолина и пијано овие двајца уметници ја усвоија кај П. Амојал и П. Гилилов на летната академија во Лозана, каде што беа избрани меѓу трите најдобри дуа.

Уметниците најпрвин создаваат оригинален изведувачки израз, што се раѓа во мигот, емотивно и виртуозно, но таа искрена емотивност како што е редот донесува и признанија и награди. Дуото заслужено може да се гордее со престижната Специјална награда на Ц.Е.И (Централно Европска Иницијатива) на Меѓународниот натпревар за камерна музика „Trio di Trieste“ во Италија“, еден од најпрестижните натпревари од ваков вид во светот. Во 2004 година ја добиваат наградата „Златна лира“ која ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија за најуспешни концертни остварувања во текот на 2003 година. Во 2014 ја добиваат наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл, а во 2015 наградата „Георги Божиков“ за континуирана изведба на дела од македонски композитори.

На нивните концертни програми наоѓаме бројни композиторски имиња од сите епохи, со повеќе од 50 сонати за виолина и пијано, од кои повеќето доживеале премиерна изведба кај нас. Свое место редовно заземаат и современите македонски композитори кои пишуваат и посветуваат дела за дуото. Дуото успешно реализира концерт со премиерни дела напишани токму за нив од македонски композитори во Њујорк, Лондон и Скопје, во 2011 година, а во 2012 година премиерно го изведуваат двојниот концерт од Димитрије Бужаровски со Филхармонија посветен токму ним.

Како звучен сведок за неговата потврдено успешна уметничка дејност се и трите реализирани компакт дискови. Првиот е реализиран на нивниот концерт во живо од фестивалот „Охридско лето“ во 1999 година. Вториот е во живо од фестивалот „Есенски Музички Свечености“ во 2005 година, а третиот е троен компакт-диск од три концерти во живо (2006, 2007, 2008), од кои едниот е со дела од македонски композитори.

Љубиша Кировски свири на виолина и виола од македонскиот градител на инструменти Орце Иљоски.


Извадоци од рецензии по повод настапите на Дуото Кировски

Дуото ги истакна своите квалитети на извонредно избалансиран ансамбл, со прекрасен мек и прозрачен звук, штрихово разнообразие, артистична јаркост, фантазија и техничка перфекција.

Жени Захариева-“ Музикални Хоризонти

Изведбата на дуото Кировски во преполната сала во Трст звучеше сигурно, виртуозно, спокојно, нежно и лесно.

Клаудио Гарбитз – „Ил Пиколо“

Дуото звучеше сигурно, цврсто. Интонативно прецизно, експресивно зрело и музикално за да можат делата да ја добијат својата вистинска светлина и да го предизвикаат вистинското задоволство кај публиката.

Марко Коловски – „Македонско Радио“

Основните карактеристики на нивната интерпретација беа рафиниран баланс помеѓу виолината и пијаното унифицирани со совршена хармонија, прецизен ритам, агогички нијансирања и совршена изведувачка техника беше тоа редок музички настан.

Ангелина Димоска – „Вечер“

Во зацврстувањето на таа врвна изведба, дуото „Кировски“ недвојбено ги покажува основните одлики и суштина на камерното музицирање … дишење во еден здив, синхрон ритам и пулс, вдахновено динамичко нијансирање … Низ годините на заедничкото живеење и музицирање Маја и Љубиша Кировски супериорно го надраснаа елементарниот технички аспект на изведбата и ја постигнаа привилегијата на малкумина, целосно да уживаат во сопствената уметничка креација која со леснотија допира до секој слушател во публиката.

Викица Костоска – Пенева


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.