Во Музејот на македонската борба викендов ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. На концертот премиерно ќе биде изведен нејзиниот нов циклус пиеси за деца за виолина и електроника насловен „Детски авантури“. „Детски авантури“ е композиција инспирирана од лектирите за деца од основно училиште која ќе ја изведат младите виолинистки Дина Атанасовска, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска, кои работат под менторство на проф. Ерхан Шукри и проф. Аспарух Ќортошев.

Концертот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија. Влезот е слободен.

Ана Пандевска (Скопје, 1985) е една од највпечатливите и најпродуктивните појави на македонската композиторска сцена, авторка чие што творештво го одликуваат полистилистика и мултижанровост. Во нејзините дела, без оглед дали станува збор за музика за деца, електроакустична музика, за солистички, камерни и оркестарски дела, ефектот е секогаш во функција на смислата на композицијата, каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство. Пандевска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа е редовен член на Сојузот на композиторите на Македонија СОКОМ и добитничка на повеќе награди за композиција. На македонскиот концертен подиум редовно е присутна како со авторски концерти, така и со бројни изведби на дела од страна на истакнати македонски и странски ансамбли и солисти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.