Како прва и најважна тема на денешниот брифинг со министерката за култура, Бисера Костадиновска -Стојчевска беше актуелниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес распишан од Министерството за култура.

Досега не е пријавен никаков проблем во однос на аплицирањето, но би замолила да се актуелизира бидејќи конкурсот се затвора во понеделник напладне. За разлика од лани, оваа година досега има помал број апликанти, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа истакна дека вообичаено добиваат околу 3.000 апликации, а годинава досега пристигнале околу една третина и не е во план да се продолжи рокот за пријавување.
Како новина, ги потенцираше креативните индустрии повторно се воспоставени како нова линија, нешто што не било објавувано од 2017 година.

Креативните индустрии предизвикуваат навистина големо внимание. Оваа година ние како држава сме претседавач со Советот за соработка на Југоисточна Европа, и јас како министер ќе имам министерски состанок во Охрид на кој ќе разговараме за креативните индустрии бидејќи сакам малку да ги вратиме во фокус зошто нудат поинакви културни продукти, рече Костадиновска-Стојчевска.

Во конкурсот се наведени и Стратешкиот дијалог со САД и Отворен Балкан и дека ќе поддржиме проекти во таа насока.

Би сакала да иницираме проекти од рангот како гостувањето на Белградската филхармонија со Зубин Мехта, бидејќи тоа е и за наша промоција и за соработка со земјите од регионот, подвлече министерката.

Вели дека не се сомнева дека ќе има реакции по објавувањето на резултатите од Конкурсот, а тоа е така бидејќи вообичаено се сфаќа дека треба стопроцентно да се покријат проектите,а ова е поддршка на проекти за 2024 година. Направиле и олесувања минатата година со тоа што со допис ги известиле Националните институции дека доколку некој аплицира за користење простор за проект поддржан од Министерството за култура да не им се наплаќа за користење на просторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.