На 8 декември, четврток во 20,30 часот во Македонска филхармонија ќе се одржи концерт на Рамбо Амадеус во придружба на биг бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници на Македонија – ЗЏМ.

Концертот ќе биде уникатна можност да ги чуете легендарните песни на Рамбо Амадеус во аранжмани за биг бенд, велат од ЗЏМ.

Рамбо Амадеус е артист кој доаѓа од Црна Гора и делува како музичар и поет, гитарист, па и еко-активист. Неговите текстови и медиумски излагања се цитираат со години и децении откако се искажани. Неговите песни комбинираат уникатни сатирични текстови кои честопати ги критикуваат општествените појави кои нѐ засегаат сите, а неговите концерти речиси никогаш не значат дека ќе чуете едноставни повторувања на снимените песни.

Здружението на џез музичари и слободни уметници е здружение на граѓани основано со цел да ги обедини џез музичарите во Македонија, да ги заштити нивните права и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа. Во Здружението членуваат и дел од нашите најреномирани џез музичари, а во неговите рамки делува и ЗЏМ биг бендот чија репутација се должи на бројните успешно организирани настани изминативе години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.