Промоција на книга за творештвото на Димитрије Бужаровски и концерт на камерниот мешан хор „Св.Климент Охридски“ се вечерва на програмата на Охридско лето. И двата настана ќе се одржат во црквата „Св. Софија“. Во 20 часот е закажана промоцијата на циклусот од осум книги „Димитрије Бужаровски – творештво и време“, издание на Факултетот за музичка уметност од Скопје во соработка со фестивалот Охридско лето. Станува збор за енциклопедиски автомузиколошки проект кој го претставува богатото творештво од повеќе од 170 опуси на Бужаровски, еден од најзначајните македонски современи композитори.
Осумте книги групирано ги претставуваат делата според следните категории: оперите „Деспина и мистер Докс“ и „Шеќерна приказна“, четирите симфонии и увертира, деветте концерти, трите ораториуми и двете кантати, делата за пијано и две пијана, солистичката и камерната музика, вокалните циклуси и песни и електронската музика.
Во над 1700 страници од овие книги е прикажано времето и опкружувањето во кое е настанат овој опус по што следат детални формални, хармонски, полифони и инструментални анализи. Книгите се придружени со богат фотографски материјал и нотни примери поставени во софтверот Сибелиус во кој е префрлено целокупното творештво на Димитрије Бужаровски – велат од Охридско лето.
Со промоцијата на целокупното издание на овој редок капитален музиколошки зафат ФМУ и Охридско лето се вклучуваат во одбележувањето на седумдесеттиот роденден на Димитрије Бужаровски, кој повеќе децении е професор на ФМУ и во два наврати бил и негов декан. Неговата дејност е длабоко поврзана и со фестивалот каде извршувал повеќе значајни функции како – претседател на советот, селектор, член на Управниот комитет на ЕФА итн. Во рамките на промоцијата ќе биде прикажано видео кое води низ страниците на овие книги дополнето со аудио и видео материјал од изведбите на делата за кои се говори.
Во 21 часот ќе почне концертот на камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“, со диригентот Панче Јосифов и солистите Биљана Јосифов, сопран, Лидија Пшенко, алт, Дејан Стоев, тенор и Невен Силјановски, бас-баритон. Хорот е формиран во 1992 година при Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Хорот редовно ја изведува првата македонска православна литургија „Литургија на Св. Јован Златоуст“од композиторот Атанас Бадев. Неговата основна дејност е опслужување на потребите на МПЦ – ОА и досега има одржано 1500 неделни и 500 празнични литургии и 18 целовечерни годишни концерти.
Паралелно со оваа активност, хорот е присутен и на концертните подиуми во Македонија и на меѓународни фестивали во Полска, Бугарија, Италија. Покрај богатиот репертоар на православна духовна музика од светските и македонските класични и современи автори, хорот на својот репертоар има и композиции од стари мајстори, композитори од романтичниот период, обработки на македонска фолклорна музика, како и црковни композиции од западната римо-католичка традиција. Хорот е составен од професионални вокални уметници, солисти, вокални педагози и хорски уметници. Уметнички раководител и диригент на ансамблот е проф. м-р. Панче Јосифов. Тој е роден во семејство на театарски уметници. Дипломирал на отсекот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде подоцна и магистрира хорско диригирање во класата на Драган Шуплевски.
Кариерата ја започнува како корепетитор и асистент хор мајстор на тогашниот Радио хор при МРТВ каде работи од 1975 до 1998 г. Истовремено е вработен како хорски уметник во хорот на Македонската опера, каде од 1998 година е асистент хор мајстор и ги предводи пробите со младите вокални уметници и диригира подиум музика. Од 1995 до 1998 година е уметнички раководител и диригент на академскиот хор „Мирче Ацев“, а од 1990 па сѐ до неговото пензионирање предавал хорско пеење, солфеж и теорија на музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.