Композицијата „Новото утре“ (The New Tomorrow), на македонската композиторка Бете Илин беше изведено во Молдавија. Се работи за композиција наменета за хармоника со оркестар.

„ Благодарност до Вадим Порошин кој се одлучи да изведе мое дело во Молдавија“, вели Илин во видео на социјалните мрежи.

На концертот на видео бим беа прикажани убавините на Македонија. Бете Илин работи како професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во Скопје. Опусот на Илин опфаќа голем број вокални дела и инструментална музика. За своите дела е добитничка на повеќе награди. Нејзините композиции се изведуваат на концертните подиуми во Македонија и насекаде низ светот, од страна на врвни изведувачи и тоа во Скопје, Софија, Белград, Берлин, Њујорк, Рим, Лозана, Торонто и други светски метрополи.

Зорица Каракутовска, професорка по хармоника и камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје и претседателка на здружението „Љубители на класична музика“ напиша: „Еве вака треба да се претставува Македонија во светот. Илин ти посакувам уште многу изведби на концертните подиуми ширум светот. Македонија има со што да се гордее“

За своите композиции таа вели дека често црпи инспирација од богатото македонско творештво, што беше случај и минатата година за делото „Дафино“ инспирирано од прекрасната македонска народна песна „Дафино вино црвено“, а тука е и композицијата „Македонска парафраза“.
Композициите на Бете Илин се моќни и импресивни, полни со емоции композиции на кои публиката не останува рамнодушна каде и да се изведуваат па така и во Молдавија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.