ЗОШТО „ЦРВЕНИОТ ПОЕТ“ ТОКМУ СЕГА ИЗЛЕГУВА ОД БУНКЕР?!, прашуваат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

И конечно силно светна „Црвениот поет“ на телевизиските екрани – играна серија поддржана од Агенцијата за филм во 2016 година. Тоа е периодот кога ВМРО-ДПМНЕ имаше можност и кога стратегиски креираше културна политика која цврсто се потпираше и ја негуваше македонската национална култура.

Поради актуелноста и вниманието на јавноста кон новата играна серија „Црвениот поет“ се наметнува потребата да се посочат неколку битни работи. Имено, на 25.11.2015, Агенцијата за филм објавува конкурс за проекти за организирање на домашни филмски манифестации од меѓународен карактер и поддршка на производство на други аудиовизуелни дела – играна серија. На конкурсот за производство на други аудиовизуелни дела – играна серија се пријавуваат повеќе од петнаесет играни серии при што согласно одлуката на тогашниот Управен одбор се поддржани два проекти за реализиација на играна серија. И двете играни серии, меѓу кои и „Црвениот поет’’, се поддржани како проекти од посебен интерес за Република Македонија, односно, со тематика која ја афирмира историјата на Македонија.

Серијата „Црвениот поет“ се снима во периодот 2016/2017 година и од тогаш до вчера (09.01.2024), „Црвениот поет’’ која е историска драма посветена на една од најзначајните личности на Македонија Коста Солев Рацин, е скриена од очите на јавноста.

За серијата, Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати ги повикуваше директорите на Агенцијата за филм, продуцентот и министрите за култура да одговорат на едноставните прашања: каде е серијата „Црвениот поет“? Зошто не се прикажува „Црвениот поет“?. Никој од повиканите не даде одговор.

Кога благодарение на градоначалникот на Велес и неговите соработници, во јуни 2023 година, за првпат јавно во рамките на Културната меѓународна манифестација „Рацинови средби“ се прикажа „Црвениот поет“, тогаш повторно ја повикавме министерката Бисера Костадиновска Стојчевска да ги посочи причините поради кои „Црвениот поет“ шест години беше во идеолошкиот антимакедонски бункер.

И повторно одговор немавме, но затоа вчера на телевизиските екрани започна да се емитува „Црвениот поет“. И сега логично е да ги прашаме нив, а и да се запрашаме самите себе – зошто токму сега? Дали Владата која со својата институционална и административна конструкција имаше обид да избрише се’ што е национален интерес од македонската култура, сега се амнестира за своите дејствија?

И постојат безброј куртоазни и лицемерни одговори, кажани или некажани, сеедно. Но вистинскиот одговор е следниот – блиските парламентарни и претседателски избори во мај годинава. Јасен, излитен до крај, популизам на една политичка гарнитура во заминување која бесрамно се обидува да ја искористи серијата „Црвениот поет“, велат во соопштението објавено на социјалните мрежи од Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.