Со „политичка остроумност“ во петокот (6 октомври), по истекот на работното време, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска испраќа допис до институциите од културата во кој наложува изготвување решенија за плата на секој вработен, а преку кои „дискретно“ бара друг да ѝ ја заврши валканата работа, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, министерката ги принудува работодавачите/директорите на институциите со едностран акт да ги менуваат правата од работен однос уредени со Колективен договор за култура и Општиот колективен договор за јавен сектор.
Непристојниот предлог на Бисера е да им „даде“ 10 % зголемување на плата на културните работници, но да го стават „во мирување“ членот 65 од Колективниот договор до февруари 2024 година. Со ова фактички ќе престане да важи постоечкиот Колективен договор што СКРМ го потпиша во 2019 година со Министерството за култура.
Очигледната намера која треба да се спроведе е спротивна на членот 14 од Општиот колективен договор за јавен сектор. Дополнително, со ова се злоупотребува заклучокот на Владата за доследна примена на Општиот колективен договор.
Ваквото ограничување како во јавниот сектор во културата се случува тивко и скриено од јавноста уште во две институции од државната управа. На ист интригантски начин беа оштетени и вработените во Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм. Двете институции беа злоупотребени во пролетните протести (патем иницирани од Вас министерке) за зголемување на платите и остварување на правото за додаток на плата во согласност со Уредбата на Владата (Сл. весник бр. 50 од 07.03.2023).
Со ова се потврдува фактот дека целото министерување на Бисера Костадиновска-Стојчевска е сведено исклучиво на барање „креативни“ начини не само за поништување на Колективниот договор во културата туку и на спроведување непишани агенди преку кои ја девалвира, маргинализира и деградира македонската култура и културен идентитет на Македонците.
Со празен буџет ваквите небулозни и еднострани „решенија“ донесени без согласност на сите инволвирани страни (за кои реагираше и Синдикат на културата на Република Македонија-СКРМ) допрва ќе создададат дополнителен хаос во културниот сектор. Прва цел на СДСМ беше да се девалвираат институциите од културата, а сега и да се осиромаши и така малку од стручниот кадар што остана во нив! Вработените во културата и јавноста веќе се научени да ги читаат идеите кои сакате да ги скриете.
Министерке, Жан Моне, еден од идеолозите на Европската Унија кон која вашата Влада само декларативно е насочена вели: „Ништо не може да се постигне без луѓе и ништо не е трајно без институции“. Вие, министерке д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска, само продолжувате да ја уништувате професионалноста во културата со вашите парцијални, привремени и дилетантски решенија. За Вас и за Вашиот празен буџет луѓето и институциите се материјален вишок. Тие, едноставно, се неважни!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.