КОМЕМОРАЦИЈА ВО ЧЕСТ НА М-Р КРСТО СКУБЕВ, КУЛТУРОЛОГ

НА 29 МАРТ 2024 (петок) СО ПОЧЕТОК ВО 12.00 ЧАСОТ ВО ФОАЈЕТО НА НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ КОМЕМОРАЦИЈА ВО ЧЕСТ НА М-Р КРСТО СКУБЕВ, КУЛТУРОЛОГ (1953-2024).

М-р Крсто Скубев е роден 1953 година во Радовиш, дипломиран продуцент на Факултетот за Драмски уметности – Скопје. Магистер по културологија (во книжевноста).

Во 1981 година, станува редовен член на Операта при Македонскиот народен театар, како дел од хорскиот ансамбл, каде што во клучни период од развојот на овој колектив, несебично го дава својот придонес на сцената, но и позади неа. Неговата посветена и пожртвувана работа, во повеќе наврати го издвојува од хорскиот состав, при што реализира неколку актерски улоги во Драмата на МНТ, но и епизодни солистички делници во Операта. Ги паметиме неговите настапи на драмската сцена како Капетанот во „Големиот брилијантен валцер“, Војникот во „Рамна земја“, Жандарот во „Денови од нашиот живот“ и др., како и пријатно и рафинирано обликуваните епизоди на оперската сцена, како Стрико Кољо во „Разделба“, Прв старец во „Бразда“, Никуш во „Веселата вдовица“ и Тркалко во „Приказна за штурецот и мравката“.

Во подоцнежниот период од својот работен век, повеќе им се посветува на организациските ангажмани во својата матична куќа, делувајќи како раководител на Секторот за маркетинг, документација и издавачка дејност, најпрво во рамките на МНТ, а тоа и концентрирано во Македонската опера и балет.

М-р Крсто Скубев е автор на повеќе текстови кои ја третираат културолошката проблематика, како и на повеќе осврти и видувања за случувањата на македонската музичка сцена, кои се објавувани во нашите најреномирани списанија, како што се „Современ живот“, „Театарски гласник“ и тн. Во 2013 година, своите повеќегодишни истражувања ги сублимира во книгата „Од Моцарт до мобилните телефони“, која критиката ја оцени како вредно и возбудливо четиво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.