На 21 март, во Националната галерија во Прага ќе биде отворена патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје.

Ова големо претставување првично е резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена. Кураторскиот тим „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката го сочинуваат: Сабина Саболовиќ (директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.

Вака конципирана изложбата за првпат беше отворена во април минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена (кој е дел од Музеум Квартиер) еден од најголемите европски културни центри.

Поставката за солидарно Скопје со дела кои светски познатите уметници ги подарија на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во Кунстхале ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители, а само на отворањето преку 1000.

Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј.

Изложбата со дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје не само што обезбедува синергија на новосоздадени дела на осум уметници со дела од колекцијата, туку ги истражува и начините на кои одредени дела од збирката можат да прикажуваат нови идеи, значења и адресирање на актуелните општествени и уметнички предизвици. Поаѓајќи од овие размислувања, треба да се согледа дека колекцијата на МСУ е од големо значење за изложби кои имаат за цел да ги обноват претставите за солидарноста, како и да ја инспирираат нашата имагинација за тоа што би можело да се направи денес“, вели Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје.

Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучуваат и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направија избор дела од колекцијата на МСУ и кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.

Покрај нив поканета беше и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ.

Дополнително, од писателката Барби Марковиќ (Виена) – позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност,  напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ана Ева Бергман, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек

Музика, Честимир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Орсолиа Дроздик и многу други.

Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година.

Оваа изложба претставува еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ – Скопје во изминативе 40 години и е дел од одбележувањето на јубилејот 60 години од основањето на Музејот на современата уметност-Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.