В недела, на седми август, Аџо-Боро ќе ја дава помалата ќерка Симона, за Андреј. Среќни емоции му бликаат во срцето и душата, како изворите и брзите планински рекички на Бистра! Животот е неповторлив дар, некогаш нежен, кој треба внимателно да се отвора, но некогаш оган, кој треба да се разгори, да вивне високо до небото и да прегори во жар и пепел – размислува тој со почит.
Аџо-Боро е Мијак, учен и зафатен човек, му прилегаат три дена за свадба. Првиот ден, во Скопје. Вториот, во Бигорски Манастир, мијачкото светилиште. Владиката Партениј да ги венча пред иконостасот на Петре-Гарката и Макариј – единствен и ненадминат длаборез во православието, прекрасен. Фреските и иконите на Дичо сведоци да бидат! А, третиот ден, за крај и бескрај, ќе се слави во родната Кичиница, каде што крвта го влече. Рано наутро, ни кафе неиспиено, ќе ја удри камбаната на старата црква, ќе запали свеќи колку што треба, ќе ги посети претците за да им каже дека ја дава ќерката и бара амин од нив. А, потоа, ех потоа! Ќе го собере дома целото село, да заечи Горна Река, како некогаш! Веќе никој жив не памети кога била последната голема свадба, но вистинските приказни живеат, и традицијата мора да се врати. Вечерта, си замислува Аџо-Боро, откако сонцето ќе го помине сртот накитен со високите борови, ќе води копнежлив разговор со првите трепетливи ѕвезди. Ех, убавина!
…
Пладне е и летна горештина стега, но куќата на Михајловци со дебела сенка го покрила дворот. Знамето македонско се вее на повисок јарбол. Стасуваат дотерани свадбари, едни со градска елеганција, други со селски примеси, интересен амалгам. Домаќинот прв ги пречекува, со широка прегратка и насмевка, со чаша ракија и здравица за младите. Тие, со дарови ја дарат невестата.
Аџо-Боро не смее да потфрли, навреме спремил се’. На огништата се пече месо – селски колбаси, сланина, ребра, прасечко, јарешко, плескавици, да има за секого, а и повеќе – за ненајавени и добредојдени гости. По ракијата, се нудат бокали вино, се точи пиво „од чешма“, сокови…
Веќе се вие Невестинското, се лелее орото во смеа и песна. Стројни момци и момички се фатиле за раце и весело цупкаат со лесен чекор. Играат и нивните срца, се гледа по образите и фрлените погледи.
Но, планина е, па летен порој изненадува и го прекинува орото, за кусо. Под шаторските крила се стиснале свадбарите. Погодни моменти за „блабла“ муабети, за минати времиња, патриотизам, наука и квази-наука, средновековни суеверија и други гачки. Со дождецот неочекувано, а толку импресивно, се појавува и виножито, кое не е обично, туку двојно! Невидена убавина за романтичната душа на Аџо-Боро, која знае дека Некој гледа од горе и се радува како него, па го поздравува и принесува небесен дар.
Набрзо, славата продолжува на оросената трева, а сонцето си ја врви дневната патека. Во дворот слегува ноќта, а небото се кити со трепетни ѕвезди. Аџо-Боро ја крева главата нагоре, ги поткрева и вегите, и ја бара најсјајната меѓу нив, онаа која носи порака за младите, за неговите поколенија. Внимателно го слуша нејзиниот шепот и се насмевнува од сесрце. Каков среќен ден!
Во тој момент, од средсело, како потонат тон кој се крева, почнуваат да се слушаат отсечни удари на тапани и рески звуци на зурли. Заигрува срцето на домаќинот, му се причинува ли јаве еден одамна сонуван сон? Сепак, вистина е. Тактот на кукудата и прачката е веќе грмеж кој татни и одѕвонува во планината. Стасаа прочуените Мајовци од Дебар. Облечени во мијачка народна носија, со продуховени ликови кои понесуваат, со лесен чекор стапнуваат на куќниот праг. Ракоплескање и возбуда на сите страни. Свадбарите, фатени во големо оро, потскокнуваат по нивниот ритам – некогаш брз, а некогаш бавен. Срцето ќе излезе од гради, по екот на првиот, следи одек на вториот тапан, по пискотот на првата, следи магијата на втората зурла – извонредна усогласеност на звукот, ритамот и движењата на Мајовци. Се свират, се играат, се пеат свадбарски и патриотски македонски песни, се даруваат пари. Често, на чело на орото е Аџо-Боро. Неговата мисла му се чита во очите – ќе не бива, ќе се прероди селото, ќе продолжи традицијата на горнореканската свадба… и внуците некогаш ќе го повторат овде, ова што се случува ноќва.
…
И тогаш, мислиш случајно и несакајќи, доаѓа највеличествениот момент, кој трогнува. Зурлаџиите и тапанџиите, во едно френетично крешчендо, развивајќи комплексен и непредвидлив ритам, застануваат лице в лице пред двата збратимени свата, како во некој замислен двобој. Се запалува исконскиот фитил во нив, се разбудува генот што врзува генерации, та поведени од тоа подземно ехо што руши со својата силина, маѓепсани од ритамот што го буди во тебе она примитивното и најдивото, како дамлосани од тој автентичен и чист национален мелос, тие паѓаат ничкосани на колена во влажната земја, возбудени до немајкаде. Сега се леки листови во рана есен, со телото поттурнато наназад како развиено едро, со рацете испружени високо – мислиш сакаат целото небо да го земат само за себе, со очи затворени во восхит до болка.
Во тој бесконечен миг сонцето од македонското знаме како да оживува и се сторува огнена топка во ноќта, за да ја просветли како ден, невообичаената, но волшебна сцена. Неописливо и незаборавно чувство. Вековит филм се снима. Радосната солза на Аџо-Боро ја расплака и Мијачијата.
Неговиот замаглен поглед, под крошната на старото дрво наѕира две замислени силуети како седат пред сватовите и со чемер во гласот, инспирирани, им читаат – Конески „Тешкото“, а Прличев, „Сердарот“. Лесно му климнуваат со главите. Од другата страна, под стреата, како привид ги препознава, Андреевски, со пиреј во раката, и Чернодрински, во задлабочена беседа за неговата македонска крвава свадба. Со гордост потона Аџо-Боро во длабочините на кревката душа!
Со арно да е, и да се ќердосаат! Како бршлени да се гушнат за да не ги одвее ветерот, да не прекине нишката и родот – си зборува во себе, додека огномет почнува да го прошарува ноќното кичиничко небо.
Да се знае и памети кога Аџо-Боро ја даваше помалата ќерка!
Aвтор: Владимир Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.