Вечерва во Хотел „Сириус“ во Струмица ќе се одржи книжевен разговор и промоција на книгата „Небото ми е дома“ од академик професор Катица Ќулавкова во организација на Фондација „Елеуса“.
Промотори на книгата ќе бидат д-р Игор Радев, д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева, поезијата ќе ја интерпретира Катерина Панов Кожаров, а настанот музички ќе го збогатат ВИС „Стихири“.
Во најавата за промоцијата организаторите ја пренесуваат изјавата на Ќулавкова дека станува збор за збирка од четири циклуси, набожна поезија.
-Поезијата не може да биде „побожна“, но може да има „набожна“ димензија. Во набожната поезија универзалните мотиви се посматраат на непретенциозен и рафиниран личен начин. Таквата поезија искажува верски чувства не само експлицитно, со зборови, туку и преку интонацијата, ритамот. Таквата поезија користи митски слики, алузии, метафори, алегории, реминисценции, симболи. Таквата поезија не глуми, туку востановува извесни состојби на богољубие, ја дивинизира природата и го користи „сакралниот интертекст“ за поетски цели (одломки од светите писма), пишува авторката во предговорот.
Академик Ќулавкова додава дека книгата почнала спонтано, но последните неколку години на неа работела концептуално и со јасна свест. Професорката суптилно нагласува дека можеби мотивот во таквата концептуалност лежи во она што е спротивно на верата, која, како што појаснува проф.д-р Ќулавкова, не е неверата, туку изневерата и тоа на идеалите и неотуѓивите добра на индивидуата.
Катица Ќулавкова (1951) е писателка и универзитетски професор во пензија по теорија и херменевтика на книжевноста. Таа е редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 2003 година, член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (Лондон). Почесен член е на Францускиот и на Турскиот ПЕН центар. Има објавено околу сто книги, било како автор (поезија, кратки раскази, есеи, критики и научни студии), или како приредувач, главен редактор или коавтор, во оригинал на македонски јазик или во превод.
Добитник е на сите позначајни македонски книжевни награди, како и на државните награди за животно дело „11 Октомври“ и за наука „Гоце Делчев“. Добитник е и на награди на Друштвото на писателите на Романија и на Албанскиот ПЕН Центар. Во 2021 година француската Влада ѝ го додели високото признание „Офицер во областа на уметноста и книжевноста“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.