Повелете на неформален разговор со македонските автор(к)и кои оваа и минатата година го добија регионалното книжевно признание „Штефица Цвек“: Лидија Димковска, Калиа Димитрова и Стефан Алијевиќ. Настанот ќе се одржи на 01 ноември (петок) со почеток во 19 часот, во центарот Комитет во Скопје.
Ана Аврамовска, писателката која исто така беше меѓу наградените, ќе има видео обраќање. Овој настан е посветен и на сите автор(к)и кои влегоа во поширокиот круг на признанието, и тие исто така срдечно се поканети да се приклучат на разговорот.
Целта на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ е афирмација на бунтовните писателски и читателски практики, односно на феминистичките, квир, деколонијални, марксистички и еколошки ангажирани перспективи. Признанието се доделува трета година по ред, а во изборот влегуваат авторки и автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
На настанот локалниот организациски тим ќе ја претстави идејата зад наградата и процесот и критериумите за селекција на книгите. Освен дискусија на четирите наградени дела од Македонија, ќе се разговара и за сфаќањето на ангажираната книжевност, релациите на македонската книжевна сцена со регионот, преобмислувањето на книжевните ритуали, процеси и канони и тн.

„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска (ТРИ, 2023) ја добива заслугата за маестрално спојување на геополитичките тензии со сложените семејни динамики. Истражувајќи ги актуелните проблеми предизвикани од војните, окупациските политики и неоколонијализмите, романот е еден од ретките примери на слоевит книжевен квалитет.
„Во хаосот радост“ на Калиа Димитрова (самиздата, 2023) е книга која се истакнува поради храбрата духовитост, непретенциозната циничност и умешноста во пронаоѓањето радост во тесногледата култура на доцнокапиталистичкиот и хетеропапатријархален хаос. Според изјавите на жири-комисијата, поезијата на Димитрова го слави пријателството и избраното семејство, разноликоста на квир световите, и сето она што прави да чувствуваме спокој и радост во нашиот мал и потребен интимен хаос.
Стефан Алијевиќ, Вечерен автобус (Или-Или, 2022) е одлична дебитантска збирка раскази која комбинира автофикциски и фиктивен наратив. Со јасен и едноставен јазик, Алијевиќ успешно обединува различни теми, почнувајќи од сеќавањата на детството, релацијата на квир момчето со неговите баби, до општествените очекувања за наметнатите родови улоги. Како што напредува, се чини дека збирката добива сè поголем замав и продолжува со потресни приказни кои говорат за насилството и предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето, како и другите малцински групи во конзервативните и малограѓанските средини.

Ана Аврамовска, Водни тела (Паблишер, 2022) е прв роман на младата писателка кој успешно ја обработува темата на актуелната (локална) еколошка катастрофа, тематизирајќи ги проблемите со загадениот воздух и со губењето на значајните природни предели во нејзиното родно Куманово. Преку своите протагонист(к)и таа ја нагласува важноста на пријателството и на взаемната грижа, кои неминовно ја надминуваат средината во која живеат. Оваа екокритичка перспектива, со доза магиски реализам, е редок пример во современата регионална книжевност и е вистинско освежување за македонската – и пошироко – екс-југословенската и балканската книжевна сцена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.