Денес, понеделник, 14.11.2024 г., во 19:00 часот во Друштвото на писателите на Македонија синологот Игор Радев ќе одржи предавање на тема „Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата“.

„Првиот именуван поет на европската култура е Хомер, слепиот бард, кој пее за војни, јунаци, градови и држави, но не учествува во нив: токму физичкиот хендикеп – слепоста, небаре служи како симбол за неговата одвоеност од историската пракса. Од друга страна, првиот именуван поет во кинеската традиција Чју Јуен (343-278 пр. н.е.) е висок службеник на својата држава, активен политичар и воено-дипломатски стратег, за кого поезијата претставува и еден вид призма, низ која се прекршува државничката дејност“, стои во објавата на настанот.

Како и поетското читање „Вечер со Руми“, кое се одржа на 30-ти септември, и предавањето на Радев ќе биде од отворен карактер и во насока на приближување на активностите на Друштвото на писателите на Македонија до јавноста, преку организирање поетски читања и предавања што го уважуваат и ни го приближуваат древното книжевно и културно наследство од светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.