Ќе продолжиме да ја раскажуваме македонската приказна и да ги афирмираме македонскиот јазик, литература и култура низ светот. Македонскиот јазик со своите специфики е исклучителен предизвик и остануваме посветени на неговото изучување, се дел од поракита на учесниците на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) што денеска заврши во Охрид.
Шеесетмината странски македонисти и слависти од 17 држави ветија дека во следниот период, уште повеќе ќе се посветат на нови преводи на дела од современата македонска литература.
Новите изданија на учебниците, лекторската настава, предавањата и значајните публикации и материјали, кои ги добивме ни овозможија нови видици. Научивме многу за македонската култура и подготвени сме за нови истражувачки потфати преку кои нејзините вредности ќе ги претставуваме на странските универзитетки центри, посочија учесниците на Летната школа.
Меѓу учесниците беа универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри, нови генерации посветеници на македонистиката. Во изминатите 17 дена , во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, тие следеа лекторска настава со вкупен фонд од 54 часа и 11 предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура. Дел од нив следеа и преведувачка работилница и курс за народни ора.
Предавањата беа многу интересни, а севкупно, програмата беше одлично конципирана за да можеме да посетиме сè и во целост да се посветиме. Одлични беа и вежбите – многу интересни и корисни, но одлични беа и програмските содржини преку кои уживавме во природните убавини и културното наследство. Наставата нè мотивираше за темите опфатени со неа да зборуваме и во слободното време, да ги разгрануваме знаењата и идеите, истакнува универзитетската професорка Кристина Дуфкова од Чешката Република.
Јубилејната, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, според организаторот, ги обедини институциите во заложбите за афирмација на македонистиката во светот. За семинаристите биле овозможени публикации и други едукативни материјали од македонски научни и образовни институции, за првпат финансика поддршка овозможи и Министерството за образование и наука, а со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.