Градот на првите сниматели на Балканот, го одбележува Денот на ослободувањето.

79 години слободна Битола, продолжува да ја негува историјата, сочувана низ објективот на Браќата Манаки, истовремено следејќи ги новите филмски трендови и низ најновите технолошки достигнувања, доближувајќи ги до своите граѓани најактуелните холивудски хитови.

102 години после првата филмска проекција во Кино бавчата на Браќа Манаки, 10 години после поставувањето на камен темелникот на возообновениот објект, Киното Манаки, со редовен филмски репертоар, ги отвора вратите за вљубениците во филмот и филмската уметност.

Со слободна мисла, подготвени за нова филмска магија од 4 Ноември, започнуваме со филмски стории, кои соодветствуваат на денешнината, ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, во она што ни е на дофат, но и во она што е далеку од нас, во трансцедентното и во суровото реално.

Битола започнува да освојува со филмови што ќе се паметат, проектирани во акустичен и современ простор, доволно голем, за да ги допре срцата на најсилните и да создаде прекрасни, филмски мигови, за најсензитивните.

Започнуваме заедно од 4 Ноември со нов предизвик за битолската култура, за филмска Битола.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.