Претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е прогласена за најдобра на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Србија, соопшти Театар „Златен Елец“.
Жирито во состав Франко Унгаро, Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ, пое изгледани шест претстави во натпреварувачката програма, донесе едногласна одлука – наградата за најдобра претстава подеднакво да им биде доделена на продукциите „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска на театарот „Златен Елец“ (Македонија) и „Големиот спектакл на крајот на светот“ на театарот „Ен Вол“ (Сардинија, Италија).
Наградата за најдобро користена музика и припадна на претставата „Other People’s Shoes (A Place Where Empathy Lives)“, британско-српска копродукција.
Претставата „Кенди“ се издвои по својата вистинитост која дава надеж во можностите на современиот театар, особено затоа што ја создадоа млади актери чија енергија е невообичаено разорна, посветена и заразна. Повремено ја преминуваат границата меѓу изведувач и гледач, вовлекувајќи не во просторот на играта, што нè прави посвесна, поангажирана публика, а тоа е особено важно бидејќи се работи за општествено важна и чувствителна тема. Музиката на Лука Тошев, која се изведува во живо, има деликатен интензитет, смисла за контраст, го зачувува просторот безбеден, со неизвалканата убавина во пеколот на зависноста, со која оваа претстава критички се занимава, се наведува во образложението на жирито.
Ова е трета награда за „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претходно претставата ги освои наградите „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино и „Биш“ на фестивалот „Млад Отворен Театар“ во Скопје.
Во претставата играат актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, музиката е на Лука Тошев.
Фото: Театар „Златен Елец“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.