Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на втората Конференција на министри за култура „Алијанса Баукултур“, истакна дека за неа „Баукултур“ е неопходност, а споделените искуства и заедничката акција се вистинскиот пат до добрите решенија.

Во „Баукултур“ гледам силен мотив да иницирам формирање на Оддел за Баукултур во рамките на Министерството за култура и тоа да го реализираме во најкраток рок. Да биде оддел сѐ додека не изградиме култура на живеење која ќе биде задоволство да се живее, а не подвиг да се преживее – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Министерката во дискусијата, која ја предводеше Алаин Берсет, претседател на Швајцарската Конфедерација, посочи дека излезот од економската криза и потрагата по евтина енергија има големо влијае врз културата на нашите животи, на културните навики, во промената и изгледот на нашите домови, но и на животната околина.

Во тој контекст министерката додаде дека Владата, соочена со сите предизвици од почетокот на оваа декада, не само што се бори за да се надминат кризите со што поблаги последици и врз стандардот на граѓаните и за опстанок на компаниите, туку и финансиски ги поттикнува и ги охрабрува иновативните решенија за општо добро.

Владата ги повикува на партнерство јавниот и приватниот сектор, заедно со граѓанскиот сектор да реализираат продуктивна и транспарентна соработка. За оваа година, Владата издвои значителни средства за развивање на инфраструктурата, со должно внимание и кон инфраструктурата во руралните предели зашто здравите прехранбени продукти и здравата животна средина и за нас стануваат сѐ поголеми приоритети, еднакви на прашање за опстанок – рече Костадиновска-Стојчевска пред европските колеги во Давос.

 

Во рамките на оваа значајна конференција, министрите за култура на земјите членки и набљудувачи на Советот на Европа, меѓувладини организации, стручни и граѓански организации, како и лидери и експерти од областа на финансиите, недвижностите и градежништвото, дискутираат за влијанието на пазарот и на бизнисот врз обликувањето на висококвалитетна животна средина, со културата како составен дел.

Присутните претставници на министерствата, организациите, здруженијата и компаниите кои се  учесници на Конференцијата се поканети, како основачки членки, да се приклучат на новоформираната „Aлијанса Баукултур“, која ќе биде основана на Конференцијата.

Во јануари 2018 година, на Првата министерска конференција во Давос, министрите за култура ја усвоија Декларацијата од Давос „Кон висококвалитетен Баукултур за Европа“, а во рамките на оваа, Втора министерска конференција, дополнително ќе бидат прецизирани општите цели на Декларацијата.

Конференцијата оваа година се однесува на улогата на индустријата за градежништво и недвижнини, сметајќи го „Баукултур“ како општо добро. Конференцијата ги истражува можностите за подобра соработка меѓу властите, граѓанското општество и индустријата за градежништво и недвижнини преку иницирање континуирана размена и вмрежување.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.