Синоќешната изведба(16.10.2024) на „Кармина Бурана“ во Националната опера и балет беше вистинско уживање за љубителите на сценската уметност, пружајќи извонредно искуство и спојувајќи ги силната музика, динамичната кореографија и визуелниот раскош. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, ова познато дело на Карл Орф оживеа пред публиката.

Кореографската верзија на Кан Арслан внесе свежина во познатото дело, каде што совршено беше избалансирана комбинацијата на танцовите движења и моќната музичка партитура. Посебен момент од вечерта беше изведбата на „О Фортуна“, кога балетските уметници, во впечатливи костими, со своите енергични и прецизни движења ја воодушевија публиката.

Хорот на Националната опера и балет, заедно со солистите на операта, Надe Талевска- сопран, Благој Нацоски – баритон и Денис Димоски – контра-тенор, беа клучниот елемент на оваа изведба. Нивната вокална моќ и емоционална длабочина ги донесоа на сцена темите на „Кармина Бурана“ – судбината, љубовта и желбата. Хорот успеа да ја задржи динамиката на изведбата, создавајќи силен звучен ѕид кој постојано се усогласуваше со оркестарот и балетот на сцена. Нивната изведба беше врвот на вечерта, а публиката ги награди со долготраен аплауз.

Диригентот Иван Еминовиќ со извонредна прецизност го водеше оркестарот низ комплексната партитура на Орф, вешто истакнувајќи ги контрастите помеѓу нежните и експлозивните делови. Оркестарот брилијантно ја изведе секоја партитура, овозможувајќи ѝ на публиката целосно да го почувствува емоционалниот распон на ова големо дело.

Сè на сè, „Кармина Бурана“ во изведба на Националната опера и балет, беше извонреден уметнички подвиг. Спојот на визуелниот, музичкиот и кореографскиот израз создаде претстава што ја маѓепса публиката и докажа зошто оваа институција останува еден од водечките столбови на културниот живот во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.