Со изложба на плакати по повод 25 години Скопски филмски фестивал, вечерва во 19 часот во галеријата на Кинотеката ќе биде отворен 25. Скопје филм фестивал. Филмот „Триаголник на тагата“ на режисерот Рубен Ослунд, црна комедија што ја освои „Златната палма“ во Кан годинава, ќе биде прикажан веднаш по отворањето на изложбата.
Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја поканувам нашата публика во петок и во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј“, истакнува Татјана Јаневска, директорка на СФФ.
Фестивалот, кој трае до 17 септември, е поделен во неколку целини: светски филм, европски филм и авторски филм. Меѓу деветте филма што ќе се прикажат се и јапонскиот оскаровец „Вози ја мојата кола“ и најновото остварување на Гаспар Ное, „Вртлог“, а во рамките на ретроспективата на „Кум“ ќе можат да се погледнат сите три дела од серијалот.
Во рамки на програмата „Кинемода“ ќе се прикаже документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“ кој претставува портрет на Маргиела, кого модниот свет го сметаше за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години. Проекцијата ќе се одржи во кафе-киното „Котур“, по што ќе следува и разговор на Кристина Глигоровска и Александра Оленска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.