На програмата на фестивалот „Златна лира“ на 31 октомври, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, е концерт на Трио „Аура“ (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година), а на концертот ќе бидат изведени дела од композиторите Т. Јанса, Ф. Девиен, М. Бонис, З. Новачиќ, Х. Битфинк. Влезот на концертот е слободен.

Камерниот состав Трио „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски, кои истовремено се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Трио „Аура“ има долга и богата концертна кариера, како во Македонија, така и на меѓународната сцена. Нивниот репертоар вклучува бројни солистички и камерни настапи во САД, Франција, Германија, Швајцарија, Белорусија, Австрија, Англија, Бугарија, како и во Азија, Африка, Србија и Словенија, на кои добиваат исклучително позитивни критики.

Музичките рецензенти ги нарекуваат „мајстори на својот инструмент“, а нивните импресивни настапи на значајни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ – Белград, Софија, Нишки фестивал, Фестивал „Барски љетопис“, „Еспресиво“ – Цетиње, „Нимус“, „Ледамус“, Врање, Ваљево и многу други, ги позиционираат меѓу најдобрите и најактивни музички изведувачи во Македонија.

На концертните сцени, како дома така и во странство, Трио „Аура“ изведува дела од различни музички епохи и стилови. Впечатлива е нивната посветеност на промоцијата на нови дела од македонски композитори, специјално компонирани за нивниот состав.

Нивното високо естетско камерно музицирање се карактеризира со „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.