Во големата хала на Лабораториум вечер ќе биде прикажан завршниот перформанс од Резиденцијата за пост-драмски театар, предводена од режисерот Филип Петковски, насловен „Како да убиеш пет ликови во претстава”.

Перформансот вклучува одбрани сцени од претставите „Ифигенија во Авлида”, „Електра” и „Тројанските жени” на Еврипид, а нуди дефрагментација на наративот, нагласена телесност и деконструкција на традиционалните драмски форми. Перформансот е во формат на отворена проба на која публиката има прилика да го следи начинот на подготовка за сценска изведба и активно да учествува во неа, наведуваат од Лабораториум.

Резиденцијата која е финансирана од програмата Culture Moves Europe вклучуваше отворен повик преку кој беа одбрани пет актери и танчери од Словенија, Бугарија, Србија и Косово кои посетуваа проби во времетраење од 22 дена, заедно со неколку македонски актери. Пробите вклучуваа физички и танцов тренинг, како и вежби и комбинации од доменот на физичкиот театар и техниката Вјупоинтс, поттикнувајќи чувство за ритам, синхронизација и развивање на свест за сопственото и колективното тело. Тренингот е заснован на актерска импровизација која им дава можност на актерите да да бидат активни учесници во уметничкиот и креативниот процес. Резиденцијата има за цел да понуди практична и теоретска едукација, регионално вмрежување и можност за идна соработка.

Концептот и режијата на „Како да убиеш пет ликови во претстава” е на Филип Петковски, проектен координатор е Стефан Момиќ, а играат Фатлуме Буњаку (Косово), Виктор Лукиќ (Србија), Емилија Тончева (Бугарија), Пиа Мачерол (Словенија) и Мира Јањетовиќ (Србија). Дизајнер на постерот е Ивана Мојсовска Головска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.