Сите награди меѓу кои и највисоката Гран при за најдобра претстава на 21. Интернационален фестивал „СТОБИ“ 2024 ги доби претставата „Мир“, според Аристофан, во изведба на театарот „Идиоти“ од Јужна Кореја, односно службено Република Кореја. Фестивал свечено беше затворен синоќа во велешкиот Народен театар„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, со концерт на Националниот ансамбл „Танец“.

Жири-комисијата на 21. Интернационален фестивал на античка драма „СТОБИ“ 2024 во состав: Владимир Милчин, режисер, Маја Љутков, актерка, и Ненад Витанов, режисер, одлучи сите награди на фестивалот да ѝ ги додели на претставата „Мир“.

Како што информира Ненад Витанов, член на жирито, актерските награди за најдобра женска и машка улога се доделуваат како колективни награди на женскиот и машкиот ансамбл на претставата „Мир“ на Театарот „Идиоти“ од Јужна Кореја. Наградата за најдобра режија беше доделена на режисерот на претставата „Мир“ – Ли Сангмјунг. Наградата Гран при за најдобра претстава на фестивалот се доделува на претставата „Мир“, според Аристофан, во изведба на Театарот „Идиоти“ од Јужна Кореја.

Наградената претстава „Мир“ беше одиграна на сцената на велешкиот театар на 2 септември, и на крајот  ја дигна публиката на нозе со долг и силен аплауз. Тимот на претставата на крајот на англиски јазик најавија дека претставата „Мир“  е посветена на војната во Газа и дека ќе се игра на сите светски театарски сцени се додека не престанат сите војни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.