Триесеттото, јубилејно, издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ традиционално почнува на 8 септември, на Денот на независноста, а годинава на програмата се девет остварувања, седум од земјава и две од странство, Бугарија и Косово.

Завесата на ФКТ „Ристо Шишков“ ќе ја кренат актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Глембаеви“, варијација на драмата на Мирослав Крлежа во режија и адаптација на Бранко Брезовац, а Фестивалот свечено ќе биде отворен со изложба на фотографии од досегашните 29 лауерати.

Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, а се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи ланската лауретка, актерката Ѕвездана Ангеловска и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски.

Фестивалот ќе се одржи од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.