Во четврток, 11 април, во 20 часот, во Националната опера и балет, со црвен тепих започнува 20-то јубилејно издание на интернационалниот фестивал Танц-Фест Скопје 2024, под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“.
Дваесеттото фестивалско издание започнува со програмата насловена „Паралели“, која ја означува соработката на фестивалот и Националната опера и балет и во која ќе се прикажат три современи кореографии на домашни автори.
Програмата „Паралели“ која годинава го отвара јубилејното издание на Скопје Танц Фест преставува една парабола која го поврзува Националниот балет со современата танцова сцена. Таа е од големо значење и преставува сведоштво за имплементирање на модерниот израз во балетот врзан исклучиво за македонски кореографи. Развојот на македонските кореографи обединет во едно, се годинешниве „Паралели“ – вели уметничкиот раководител на Националниот балет, кореографката Олга Панго, чија претстава, современиот балет „Госпоѓиците од Авињон во четврток, ќе го отвори фестивалот.
Претставата е една од најзабележителните продукции на рецентната македонска балетска сцена, чии автори се Калиопи (музика), Олга Панго (кореографија), Сашо Димоски (либрето), Валентин Светозарев (сценографија) и Раде Василев (костимографија), ја имаше својата премиера на 9 март 2021 година, а покрај редовните изведби на репертоарот на НОБ, во изминативе неколку години претставата гостувала во Народно Позориште Белград, Пловдивската опера, Софискиот музикален театар, Народно позориште Сараево, била изведена на фестивалот „Охридско лето“, како и на сцените во Велес, Куманово и Битола. Покрај исклучителната авторска екипа, во балетската деконструкција/коментар на познатата слика на Пабло Пикасо учествуваат балетските уметници од НОБ: Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лочеј, Ендру Кук и Агим Бафтии.
Во склоп на програмата „Паралели“ во рамки на фестивалот Танц Фест Скопје 2024 следуваат претставите „Сага“ на кореографката Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, сценографија на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, а на 23 април на сцената на НОБ ќе го проследи балетскиот триптих, чиј идеен творец е костимографот Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џеперавоска, а кореографиите се на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски и на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.
Програмата на фестивалот ќе има одбележување на Јубилејот на 30 април на сцената на МНТ, а се затвора со светската кореографска ѕвезда Мурад Мерзуки на 17 мај на сцената на Македонскиот народен театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.