Јубилејната изложба „110 години од раѓање“ на уметницата Лена Стефанова ќе биде отворена денеска во Националната галерија на Македонија во Скопје.

На отворањето, пригодно обраќање ќе имаат историчарката Викторија Васева Димеска и директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими.

Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво, соопштија од Националната галерија.

Како што потенцираат, во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.

Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова и истата ќе биде поставена до февруари следната година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.